Македонија
УНИЦЕФ го поздравува усвојувањето нови насоки за заштита на децата од загадувањето на воздухот
УНИЦЕФ го поздравува неодамнешното усвојување сеопфатни протоколи насочени кон подобрување на квалитетот на воздухот во училиштата, како и јасни препораки за акција во услови на зголемено загадување на воздухот.
Како што велат од таму, прифаќањето на овие препораки следува по неодамнешното усогласување на националниот индекс за квалитет на воздухот со Европскиот индекс за квалитет на воздухот и доаѓа во критично време бидејќи нивото на загадување на воздухот во Скопје и другите региони и понатаму претставува сериозен ризик за здравјето, особено за децата.
Новите препораки за постапување при амбиентално загадување на воздухот обезбедуваат јасни насоки, кои се применуваат според тековниот квалитет на воздухот.
Во деновите кога квалитетот на воздухот е добар се препорачува училиштата да организираат повеќе активности на отворено, како што се спортот и рекреацијата, и да користат природна вентилација преку често отворање на прозорците. Во денови кога квалитетот на воздухот се влошува и достигнува лоши, многу лоши или екстремно лоши нивоа, протоколите советуваат сите активностите на отворено и физичките интензивни активности да се преместат во затворен простор или да се откажат.
Училиштата треба да ги затворат надворешните врати и прозорците, доколку е можно, да користат прочистувачи на воздухот и да ги следат учениците за симптоми поврзани со загадувањето на воздухот (како што се главоболка, отежнато дишење, кашлица, мачнина и иритација на очите, носот и грлото), а по потреба да ги информираат родителите. Во случаи на ненадејни настани со загадување или кога податоците од мониторингот не се достапни, се препорачува училиштата да постапат поактивно за да ја минимизираат изложеноста и да го заштитат здравјето на децата и персоналот.
„Придружните насоки за добри практики за подобрување на квалитетот на воздухот во затворен простор во училиштата утврдуваат практични мерки за намалување на изложеноста на загадувачи. Тие ги нагласуваат соодветната вентилација, употребата на средства за чистење со ниска токсичност, влажно чистење за да се намали прашината, редовна употреба и одржување на прочистувачите на воздух и користење на подлогите за бришење нозе на влезот. Протоколот исто така промовира зелени бариери, како живи огради, собни растенија и ограничување на сообраќајот и работењето на моторите на возилата, во место во близина на влезовите на училиштата“, потсетува УНИЦЕФ.
Насоките за училиштата беа изработени од Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање и други партнери, со поддршка од Обединетите нации. Тие ги одразуваат политиките и препораките на УНИЦЕФ за заштита на децата од штетните ефекти на загадувањето на воздухот и неговото влијание врз здравјето на децата во рамките на националните процеси на планирање и донесување одлуки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

