Македонија
Потпишан договор за соработка во образованието и науката помеѓу Македонија и Турција
Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во сферата на образованието, науката, технологијата и иновациите.
Со Договорот што го потпишаа министрите за образование и наука на Македонија и на Турција, Весна Јаневска и Јусуф Текин, двете држави ќе соработуваат и разменуваат информации и научни публикации во областа на формалното и неформалното образование и ќе поттикнуваат размена на академици, експерти за образование, наставници и ученици од средно образование.
Прифатена е размена на искуства во областа на средното образование, со фокус на стручното, како и обука и квалификации на наставници и доживотно учење, организирање на програми за обука, спроведување на заеднички проекти. Усогласена е размената на искуства во врска со новите образовни технологии, како и во делот на подготовка на наставните планови и програми.
Со Договорот се овозможува учениците да учествуваат на научни и културни натпревари кои што се одржуваат во двете земји, се промовира соработката за развој на заеднички програми како и збратимување на училишта.
Договорено е како изборни предмети да се предаваат „Јазикот и културата на Турците“ односно „Јазикот и културата на Македонците“, во Македонија и Турција, соодветно. Предвидено е и меѓусебно стипендирање на средношколци.
Заедничка работна група ќе се грижи за спроведување на Договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ја прими албанската министерка Спиропали: Заедничката европска перспектива да стане реалност
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и
инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 335.963.096 денари кон 1.211 сточари
Денеска е извршена исплата на средства во вкупен износ од 335.963.096 денари кон 1.211 сточари, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции за 2023 година, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај. Грижата за земјоделците продолжува“, велат од таму.
Македонија
ДПМНЕ пак дели тендери, фирмата на Нефи Усеини дел од колачот вреден 3 милиони евра, велат од СДСМ
Мицкоски и ДПМНЕ сите тендери ги собраа за себе, па почна да ги раздаваат. Фирмата на контроверзниот Нефи Усеини од Охрид, кадар на ДУИ, добила дел од тендерот вреден 3 милиони евра од Македонија пат, за зимско одржување патишта, истакнуваат од СДСМ.
„Додека секој ден зборуваат за ДУИ пред граѓаните зад грбот им делат тендери.
Никој не може да добие тендер без одобрение на Мицкоски и ДПМНЕ.
Владата на Мицкоски нема пари за земјоделците, нема за сточарите, им ги нема исплатено ниту субвенциите. Но затоа за криминални тендери мора да има пари“.
Дури и парите од ИПАРД 3 програмата, како што додаваат од опозициската партија, посегнаа да ги крадат, по што ЕУ ја суспендираше програмата вредна 130 милиони евра поради корупција.
Прашуваат, дали земјоделците имаат разбирање за ваквото однесување на ДПМНЕ.

