Македонија
(Видео) „100 милиони евра загуба – кој профитира од увозот на струја“, прашува Димитријевиќ
„Наместо да ги покачи платите и пензиите, власта ја покачи сметките за струја, удри по стандардот на народот. Државата нема пари за плати и пензии, дупката е 1 милијарда евра. Поскапувањето на струјата и прогласувањето кризна состојба, не се поради протестите во Грција туку две причини директно врзани со владата: криминални тендери и неспособност во енергетиката“, рече Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„За само година и половина, со Божиновска на чело на овој сектор, Владата ја доведе ЕСМ до финансиски и производствен колапс. Не се произведува доволно струја дома, се увезува скапа струја од надвор.
Затоа оваа година има историски најниско производство на домашна струја, ниту половина од планираните 5.100 GWh.
Наместо да се произведува дома, која што државата ќе ја чини 80-90 евра мегават час, владата купува струја за 140 евра мегават часови.
Колку ги чини тоа граѓаните? 77 милиони евра загуба за само првите два квартали од 2025 година а проекцијата е дека ќе достигне над 100 милиони евра загуба до крајот на оваа година.
Сега е ли јасно зошто струјата поскапува? Зошто се прогласува кризна состојба?
Да се покријат криминални тендери и неспособност.
Зошто фали 1 милијарда евра во буџетот? Исто така за тендери, како што се 161 тендер за една фирма или 9 милиони евра за друга фрима за двајца вработени кои ги објавивме.
Клучното прашање е кој профитира од скапиот увоз на струја? Зошто навреме не биле обезбедени енергенси, мазут на пример?
СДСМ бара Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за овие загуби од 100 милиони евра и да утврди одговорност. Кој ќе одговара за загубите од над 100 милиони евра? Кој профитира од увозот на струја? Кој заработува додека народот плаќа? Одговроност мора да има!“, изјави Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Две обуки за инклузивен и училишен спорт се одржаа денеска во Кисела Вода
Денеска во Општина Кисела Вода се одржаа две значајни обуки насочени кон развој на инклузивниот и училишниот спорт на локално ниво.
Првата обука, во рамки на проектот „Движење за сите: Како да создадеме инклузивна настава во училиштата“, беше наменета за наставниците по физичко образование од основните училишта. Наставниците преку соработката со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје добија практични и теоретски насоки за работа со деца со попреченост и унапредување на инклузивната настава. На настанот присуствуваа проф. д-р Влатко Неделковски, декан на факултетот, заедно со проф. д-р Андријана Зафировска Мисовски, продекан, и проф. д-р Јасмина Трошанска како стручен обучувач.
Втората обука, „Обука за спортска администрација и развој на спортот на локално ниво“, се одржа во соработка со Македонскиот олимписки комитет (МОК). Настанот го отвори градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, а на обуката присуствуваа и претседателот на МОК, Даниел Димески, и д-р Сашо Поповски, раководител на Сектор за меѓународна соработка и комуникации. На дебатата се разговараше за развој на училишниот спорт, улогата на наставниците и локалната самоуправа, како и за идни проекти заедно со МОК.
-Денес, преку овие две обуки, ја потврдуваме нашата заложба за инклузивен и квалитетен спорт за сите деца. Наставниците се опремуваат со знаења и практични вештини за работа со деца со попреченост преку соработката со факултетот, а преку соработката со Македонскиот олимписки комитет го јакнеме училишниот спорт и развојот на локалниот спорт. Во април повторно ќе се одбележи Светскиот ден на олимпизмот, а сите училишта ќе добијат спортска опрема како донација. Ова се инвестиции во здрави, активни и еднакви можности за секое дете- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Министерката Божиновска не поседува бугарски пасош, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС се загубени во времето и сигурно по зборовите на Заев си го бараат семето, па наместо да бидат вистинска опозиција решија да бидат жолта штампа, со лаги и невистини, за кратки сензации, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерката Сања Божиновска не поседува бугарски пасош, тоа е лага од кујната на СДС, која мислат дека ако илјада пати ја повторат некој ќе поверува. Жално е како СДС се претвори во таблоид партија, каде редовен фолклор се црвени наслови по примерот на нивните белградски ментори. Очигледно нема дно кое СДС не може да го пробие, па само ја срамат некогаш големата партија. Дали Филипче има контрола и гледа што пишуваат, или сам дал дозвола да го носат кон дното не знаеме, ниту не интересира, но факт е дека не му мислат добро“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Тренчевска: Разрешувањето на Муртезани не е реформа, туку политичка шминка
Разрешувањето на министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, не е реформа. Тоа е политичка шминка. Обид да се создаде впечаток дека нешто се менува, додека суштински, ништо не се менува.Проблемот е во владата како целина, во нејзината неспособност, недостиг на визија и бегање од одговорност, се менува Муртезани ама изолацијата од ЕУ останува, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница.
Таа нагласи дека додека Муртезани се жртвува за јавноста, неспособните министри остануваат на своите функции и продолжуваат да ја губат довербата на граѓаните.
„Ова е класичен пример на политички театар: една жртва за да се сочува системот на неуспех. Дека за неуспехот на патот кон европските интеграции е виновен еден човек, а не Владата која нема капацитет да спроведе реформи, нема храброст да преземе одговорност, нема контрола врз институциите, нема резултати во економијата, здравството, образованието, социјалната заштита, во подобрувањето на животниот стандард на граѓаните“, објасни Тренчевска.
Потпретседателката на СДСМ појасни дека причината за застојот во европските интеграции не е личноста на Муртезани, туку недоволниот капацитет и резултати на Владата како целина и немањето желба за реформи и продолжување на европскиот пат.
„Исто е кој е министер, нема никаква разлика. Шемата е криминални тендери за профити. Без ралзика кој е министер. Овие решенија се само извршители“, рече потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска.

