Свет
Зеленски со божиќна порака до Украинците среде војната: „Вечерва сме заедно“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на граѓаните во пресрет на Божиќ, порачувајќи дека Украинците и четврта година по ред, среде војна од целосен обем, се заедно во одбраната на она што ги прави народ – домот, семејството, традицијата и надежта за мир.
„Драги Украинци! Вечерва е многу посебна вечер – Бадник. Тоа е единствено време, исполнето со посебен дух, со своја посебна магија за секој од нас. Затоа што оваа вечер навистина е за сите нас. За сето она што ги прави Украинците тоа што се“, рече Зеленски.
Тој истакна дека Божиќ отсекогаш бил време на семејно собирање, средби и прегратки, но дека веќе четврта година трае обид тоа да им биде одземено на Украинците поради војната за независност.
„Токму тоа денес го браниме: нашата земја, нашите семејства, оној долгоочекуван чувство на мир и спокој во сопствениот дом. Кога ни е топло. Кога имаме вкусен оброк. Кога сме заедно“, истакна тој.
Зеленски наведе дека далечината не може да го раздели народот.
„Не е важно дали сме разделени или лице в лице. Украинците се заедно. И никој не може да ни го одземе тоа чувство. Токму тоа чувство ни дава надеж и ни помага да издржиме, и покрај сè“, порача тој.
Призна дека Божиќ се одбележува во исклучително тежок момент.
„За жал, не се сите вечерва дома. За жал, не сите сè уште имаат дом. И, за жал, не се сите вечерва со нас“, рече тој, додавајќи дека Русија, и покрај сè, не може да го окупира најважното – украинското срце, верата едни во други и заедништвото.
Зеленски истакна дека Украинците вечерва ќе ја чекаат првата ѕвезда на небото – во Киев, Закарпатската област, Одеса или Купјанск – каде и да се.
„Украинците вечерва се заедно, го одбележуваат Божиќ на ист датум, како едно големо семејство“, изјави тој.
Говорејќи за промените што ги донела војната, Зеленски наведе дека денес повеќе не е пресудно како е украсен домот, туку како се брани, ниту што има на трпезата, туку кој седи околу неа.
Посебно се осврна на војниците кои не можат да бидат дома.
„Важно е оние кои нè бранат сега, иако не се во близина, сепак да бидат во контакт. Да можеме да го слушнеме нивниот глас, макар за една минута, и да ја добиеме највредната порака: ‘Добро сум’“, рече Зеленски.
Тој додаде дека радоста денес доаѓа од светлината во домовите и светлината во луѓето и дека најубавиот божиќен звук е оној во кој нема дронови и проектили.
Во пресрет на Божиќ, потсети тој, Русија повторно извршила масовни напади.
Украина официјално почна да го одбележува Божиќ на 25 декември од 2023 година. Со тоа беше напуштено досегашното празнување на 7 јануари, според Јулијанскиот календар. Промената следуваше по повеќегодишен процес на оддалечување од руското религиозно и културно влијание и приближување кон европската традиција. Клучна улога во оваа одлука имаше Православната црква на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА
Свет
Словачка го прекина снабдувањето со електрична енергија за Украина
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, побара од операторот на електричната мрежа денес да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта низ нафтоводот „Дружба“ не продолжи.
„Од денес, доколку украинската страна се обрати до Словачка со барање за помош за стабилизирање на украинската енергетска мрежа, нема да добие таква помош“, рече Фицо во соопштението.
Фицо рече дека мерката ќе биде укината штом ќе продолжи транзитот на нафта во Словачка.
Украински беспилотни летала погодија руска пумпна станица што го опслужува клучниот нафтовод „Дружба“ за снабдување на Источна Европа со сурова нафта од Москва, изјави денес украински безбедносен службеник.
Нападот, најновиот во серијата украински напади на трасата, се заканува дополнително да ги ескалира тензиите меѓу Украина и нејзините соседи Унгарија и Словачка, кои го обвинија Киев дека се обидува да го блокира протокот на нафта преку цевководот до нивните рафинерии.
Испораките на руска нафта за Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, кога Киев објави дека руски напад со беспилотни летала ја погодил опремата на нафтоводот во западна Украина. И покрај речиси четиригодишната војна со Русија, Украина продолжи да го олеснува транзитот на руска нафта преку цевководи низ нејзината територија, иако го запре транзитот на руски гас на почетокот на минатата година.
Унгарија и Словачка се заканија дека ќе го прекинат снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта не продолжи. Електричната енергија од Унгарија и Словачка сочинува околу 70 проценти од увозот на Украина и е исклучително важна за земјата.
Свет
Во Италија пронајдени белешки на Мусолини од средба со Хитлер
Белешки од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини од средбата со Адолф Хитлер во 1944 година се пронајдени во Ииталија, објавија денес германските медиуми.
Хартијата со белешките, за кои е недвосмислено потврдено дека се на Мусолини, била запленета од специјален тим карабинери пред документот да биде понуден на аукција во Торино. Документот потоа бил префрлен во Државниот архив во Рим. Специјалистите ги окарактеризирале белешките како „документ од исклучително историско значење“.
Тоа е хартија со рачно напишани поглавја за „воени сили“, „политика“ и „економија и труд“, и е документот што Мусолини го користел за време на неговата средба со Адолф Хитлер на 22 април 1944 година, во замокот Клајсхајм во близина на Салцбург.
За потсетување, Бенито Мусолини беше премиер до капитулацијата на Италија во 1943 година. После тоа, Хитлер го назначи за шеф на марионетска фашистичка држава. Италијанските партизани го уапсија Бенито Мусолини во април 1945 година додека се обидуваше да избега во Швајцарија и го застрелаа.
фото/Википедија

