Македонија
Ѓорѓиевски за состојбата во која е затекнат Градот: Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметка
На денешната седница на Советот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на град Скопје, се обрати со јасна и отворена порака за состојбата во која е затекнат Градот и за резултатите што се постигнати во краток временски период.
При разгледувањето на буџетот на Град Скопје за 2026 година, градоначалникот посочи дека по наследеното катастрофално финансиско и институционално наследство, Скопје денес чекори кон стабилизација, одговорно управување и реализација на проекти од суштинско значење за граѓаните.
„Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметката на Градот! Денес, го носиме буџетот за Град Скопје за 2026 година. Но, мора отворено да зборуваме и за реалноста што ја наследивме, еден од најкатастрофалните квартални извештаи во историјата на Градот од времето на Петре Шилегов и Данела Арсовска. За девет месеци се реализирани приходи од 2.856.417.717 денари, што значи просек од само 317.379.746 денари месечно. И во претходните години состојбата била слична, а често и полоша“, рече Ѓорѓиевски.
„За споредба, за 40 дена реализиравме приходи од 659.493.349 денари, речиси двојно повеќе од кој било месечен резултат во минатото.
На сметката на Град Скопје наследивме поразителни 40 милиони денари. Веќе првиот работен ден од мојот мандат нѐ дочека извршно решение за наплата од 48 милиони денари плус дополнителни 3 милиони денари по основ на спогодби.
Наследивме презадолжени и девастирани јавни претпријатија и културни установи. Наследивме хаос во образованието, каде што со години не било направено ништо суштинско. Во овој квартален извештај се прикажани само достасаните долгови и кредитите евидентирани во сметководството на Град Скопје. Не се опфатени недостасаните обврски, ниту најтешкиот товар – тужбите.
Наследството од Петре Шилегов и Данела Арсовска изнесува 2,9 милијарди денари во активни судски постапки. На 8.11.2025 година јавните претпријатија немаа земено плата за септември. Тоа беше директен удар врз буџетот на Град Скопје и врз достоинството на вработените.
Некој си поигрувал со нивните судбини“, вели градоначалникот на Скопје.
„Со ребалансот на буџетот овозможивме сите јавни претпријатија да ги добијат заостанатите плати. Само во ЈП ‘Паркови и зеленило’, поради законскиот лимит, успеавме да ги исплатиме сите придонеси за платата за ноември и една и пол нето-плата.
Покрај речиси 200 милиони денари обезбедени за плати, наследени беа и тековни обврски кон доставувачи во износ од 330 милиони денари. Денес тие се намалени на 236 милиони денари.
За 40 дена направивме повеќе во образованието отколку што некои не успеале за цел мандат. Градиме спортски терени во шест средни училишта, обезбедуваме прочистувачи на воздухот за секоја училница, нова ИТ-опрема, паметни табли, лаптопи, нови клупи и столчиња, како и опрема за информатичките кабинети.
Обезбедивме средства за лунапаркот, проект што со години беше само празно ветување. Обезбедивме средства и за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, обезбедивме средства за кружниот тек во Ѓорче Петров.
Ја решивме експропријацијата кај Момин Поток, интензивно продолжува изградбата на таа улица и сме во преговори за откочување на сите други проекти што беа заглавени од претходните раководства.
Почнавме реконструкција и на улицата Фрањо Клуз во Аеродром, а предвидовме средства и за инфраструктурни проекти за многу други улици и булевари, кои ќе се реализираат во 2026 и 2027 година.
Успеавме да склучиме спогодба со Владата, со поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, за износ од 360 милиони денари, кои ќе бидат исплатени во период од три години, како обврска за студентскиот превоз, проблем за кој претходната влада на СДСМ немаше слух.
По многу години, го исчистивме град Скопје, а истовремено го украсуваме и му даваме новогодишен дух и новогодишна прослава каква што заслужуваат скопјани“, додаде градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битолската „Естреја Овадија Мара“ прослави 65-годишен јубилеј
Јавната установа детски градинки „Естреја Овадија Мара“ денеска го прославува патрониоит празник и одбележа јубилејни 65 години постоење.
Прославата беше под мотото „Твојата храброст-наш патоказ“, а меѓу гостите беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Децата од градинката заедно со вработените подготвија пригодна програма за обележувањето на двата значајни настани.
Прославата се одржа во детската градинка „Пролет“.
Македонија
(Видео) „Што и да прашаме, вие ќе дефокусирате – ќе кажувате Венко, Заев, влијание, вака, така“, Филипче обвини дека Владата не одговара на прашањата
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања укажа дека по речиси две години Влада, премиерот Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ немаат дадено конкретен одговор на ниедно суштинско прашање што ги засега граѓаните, туку континуирано користат дезинформации за да ја дефокусираат јавноста од нивната неспособност и криминалните зделки.
„Што и да прашаме, вие ќе дефокусирате, ќе кажувате – Венко, Заев, влијание, вака, така, и сето тоа никако не одговара на вистинската ситуација во земјата ниту, пак, некој ќе даде вистински одговор на некое од прашањето што ги засега сите граѓани“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека и покрај тоа што власта одбегнува да даде одговори на клучните прашања, граѓаните ја гледаат реалната состојба во држвата – нема реални реформи во правосудството, нема реформски закони усогласени со европските препораки, нема напредок во контролата на цените, нема решенија за загадениот воздух, ниту подобрување на стандардот на граѓаните.
„Нема ниеден реформски закон. Европа знае дека вие повеќе не сте партнери, знае дека не ја кажувате вистината кога зборувате со европските функционери. Само два закона сега набрзина се во постапка, и тоа без апсолутно да се имплементираат препораките од оценската мисија, односно некоја ваша модификација на овие препораки, кои на власта ѝ одговараат, а кои треба да бидат реформски закони“, рече Филипче.
Тој додаде дека критиките и прашањата не доаѓаат од опозицијата, туку директно од граѓаните, кои секојдневно ги чувствуваат последиците од лошото владеење, растот на цените, економската несигурност и институционалниот застој.
Македонија
Бојковска: Додека со СДС и ДУИ имавме урнисано образование, ова Влада прави реформски чекори за поквалитетно образование за нашата младина
Образованието е темел на секое општество, но просветните работници се столбот врз којшто се гради иднината на државата. Токму затоа прашањата за нивниот статус и достоинство мора да биде високо на агендата на секоја одговорна влада. Го поздравувам договорот кој беше постигнат меѓу владата и СОНК, со што се утврди јасна и предвидлива методологија за растот на платите на просветните работници. Ова решение беше позитивно поздравено и од синдикатот, затоа што за прв пат нуди системски решавања, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска на денешната собраниска седница за пратенички прашања, прашувајќи го претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за колкав процент ќе се зголемат платите во 2026 година и дали овие средства се обезбедени во буџетот, со оглед на тоа што владата вети раст на платите на просветните работници.
Бојковска додаде дека за разлика од ова, претходната влада на СДС и ДУИ не успеа да потпише колективен договор за претходните работници, оставајќи го образовниот кадар без јасни гаранции, со ад хок решенија и празни ветувања.
„Додека со нив имавме урнисано образование, ова влада прави реформски чекори за поквалитетно образование за нашата младина. Со квалитетно образование, но и со квалитетен, мотивиран и задоволен образован кадар сигурна сум дека Македонија ја очекува успешна иднина. Нашите млади умови и нашите просветни работници, нашите вредни млади кадри се, исто така, нашата иднина. Јас силно ги уверувам дека со оваа Влада имаат сигурен партнер и затоа да продолжат да вложуваат во своето образование“, рече Бојковска.
Во однос со реформската агенда, Бојковска потенцираше дека во изминатиот период во владата имаше бројни работни состаноци поврзани со нејзиното спроведување, што јасно укажува дека ова прашање е висок нејзин приоритет.
„Во јавноста веќе истакнавте дека постои јасен план и фокус, особено во делот на законите од областа на енергетиката, на пазарот на електрична енергија, како и на реформските закони во правосудството. Тука би сакала да го потенцирам и Планот за реформи и раст што Европската Унија го одобри второто ослободување на средствата за Република Македонија во рамките на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Со оваа одлука се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како и комбинирана поддршка. Дел неповратни средства, дел заем. Со оглед на тоа дела дел од овие процеси се комплексни и со среднорочна временска рамка, а истовремено се од големо значење за граѓаните и за европската агенда на државата, моето прашање би било, каква е динамиката што владата ја има за спроведување на реформската агенда во наредниот период, кои се клучните чекори коишто следуваат и што конкретно може да очекуваме како резултат во текот на следните месеци“, праша, меѓу другото, пратеничката Бојковска.

