Македонија
Интензивни контроли и мерења на прекумерната бучава, високи казни за непочитување на законските норми, најави Општина Аеродром
Општина Аеродром започнува со интензивни контроли и мерења на прекумерната бучава, со цел заштита на здравјето, мирот и квалитетот на живеење на граѓаните.
Согласно со член 9 од Законот за заштита од бучава во животната средина, забрането е емитирање бучава над пропишаните гранични вредности. Во станбените објекти, во вечерниот период од 19:00 до 23:00 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 35 dBA, а во ноќниот период од 23:00 до 07:00 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 30 dBA, извести Општината.
Овластените инспектори за животна средина на Општина Аеродром ќе спроведуваат интензивни и континуирани контроли, со посебен фокус на угостителските и туристичките објекти, со цел доследно почитување на законските одредби.
За непочитување на законските норми предвидени се високи санкции, и тоа:
· глоба од 6.000 до 7.000 евра (во денарска противвредност) за микро трговци,
· од 13.000 до 14.000 евра за мали трговци,
· од 37.000 до 41.000 евра за средни трговци,
· од 62.000 до 69.000 евра за големи трговци,
· како и глоба од 2.000 евра за трговец поединец.
Глобите се изрекуваат доколку нивото на бучава при вршење на угостителска или туристичка дејност ги надминува пропишаните гранични вредности.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните, доколку се изложени на прекумерна бучава, случаите веднаш да ги пријават на електронската адреса: [email protected]
– Со заедничка одговорност и почитување на законите, Општина Аеродром продолжува да работи на обезбедување мирна, уредна и здрава животна средина за сите граѓани, додаваат од Општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

