Македонија
Мицкоски: Имаме најниска инфлација во Европа од 4 проценти, со тенденција в година да се намали под 3 проценти
„Животниот стандард е битка која што во континуитет треба да ја води една влада, односно како до подобар животен стандард во континуитет треба да се бориме и да работиме, затоа што таа битка не смеете да ја изгубите, затоа што ако ја изгубите логично е дека ќе ја изгубите и довербата кај граѓаните“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на пратеничко прашање.
Мицкоски посочи дека СДСМ како влада спровеле катастрофални политики, како и дека во периодот од 2020 до 2023 година, се годините кои се нанесоа најжестоките удари врз животниот стандард на граѓаните и државата, со задолжување, безмилосно трошење и грабеж.
„Од ова што можеме до сега да посведочиме е дека таа доверба расте и од избори до избори резултатите се зголемуваат. Што се однесува до нападите на опозицијата можам само да кажам дека додека беа влада имаа можност да докажат дека тоа што го работат е правилно и дека политиките кои тие ги спроведуваат се во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Но, што направија? Имавме рекордни стапки на инфлација во тие години, 17, 18, 19 проценти и тоа беа години кога се нанесе жесток удар врз животниот стандард на граѓаните, почнувајќи од 2020 до 2023 година, се годините кои се нанесоа најжестоките удари врз животниот стандард на граѓаните и државата, со задолжување, безмилосно трошење, грабеж, со лоши политики. Тоа е пример кој во учебниците ќе се изучува како не треба да функционира една влада“, потенцираше Мицкоски и додаде дека за среќа сето ова е минато.
„Но, среќа е што тоа е сега минато. Нашата задача е тешка, голема, но ние ја прифативме таа задача со големо чувство и секој ден работиме да исправиме по некоја погрешна политика која што е правена во тој период 2020 до 2023 година.
Денес во услови кога имаме јасна надолна линија на инфлацијата, односно една од најниските во Европа и релативно најниска во регионот, под 4 проценти, со тенденција да следната година се стабилизира помеѓу 2 и 3 проценти, во отсуство на креативна идеја, реални политики, опозицијата се занимава со клеветнички навреди кон Владата“, рече Мицкоски и додаде:
„Значи имаме две опции да веруваме на потрошувачката кошничка која ја изработуваат Бранислив Јовановиќ, Тевдовски и Никола Поповски, поранешни министри во владата на СДСМ, и ЕВРОСТАТ. Граѓаните треба да изберат на кој ќе веруваат. Ако му веруваме на ЕВРОСТАТ, излегоа пред некој ден и кажа дека потрошувачката кошничка во Македонија споредена со просек кој што го дефинираат како 100 проценти, е најевтина во Европа, мислам дека е некаде околу на нивно 72, 73 проценти. Сите во регионот, буквално сите во регионот се со поскапа потрошувачка кошничка од нашата“.
Премиерот Мицкоски истакна дека главен приоритет на Владата е борба за подобар животен стандард на граѓаните.
„Дека цените се високи да, дека треба да се бориме за животниот стандард да, и дека тоа е непрекината борба да се сложувам и тоа е еден од приоритетите на оваа влада и со министерот за економија и со министерката за финансии и со буквално сите во Владата, тоа ни претставува главен приоритет“, додаде тој.
Во однос на минималната плата, Мицкоски вели дека истата треба да се зголеми, но мора работодавачите и работниците да се договорат.
„Дали треба повеќе да треба, еве јас сум првиот кој што тоа ќе го поддржи. Треба да биде најмногу. Ако гледаме од себични причина на Владата, ние можеме да прогласиме и да побараме од Законодавниот дом минимална плата од 600, 700 евра, ќе бидеме најголемите политички херои, дури и ние ќе профитираме бидејќи 705.000 вработени ние како влада сме работодавачи на 100.000 што значи дека придонесите на останатите 600.000 ќе доаѓаат на сметка на Владата. Но, дали економијата и бизнисот тоа можат да го издржат е прашање кое што работодавачите и работниците треба да си го одговорат. Затоа ние велиме ве молиме во дијалог вие да си го одговорите тоа прашање, ние можеме само да фасилитираме и да помогнеме во тој процес. Второ, грубо се манипулира со зголемена минимална плата во соседство и кај нас, бидејќи кај нас се збори за нето, а таму за бруто. Има голема разлика. Трето, според ЕВРОСТАТ, куповната моќ со минималната плата во Македонија, оваа моменталната, а не таа која ќе се зголеми со закон, е повисока од сите земји во соседството, минус Грција“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

