Македонија
ДОМ: Граѓаните немаат време да чекаат дислокација на „Усје“, на Скопје му треба чист воздух денес
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува Одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија.
„Тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржуваме како крајна цел. Сепак ДОМ како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција. Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима“, велат од ДОМ.
Затоа, смета партијата, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на конкретни мерки кои даваат резултат веднаш.
„Бараме од Владата и МЖСПП итно спроведување на следниот пакет мерки:
1. Јавен мониторинг во реално време – право да знаеме што дишеме:
Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат „интерна тајна“ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности.
2. Временско поместување на ремонтите:
„Усје“ да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и јануари. Ова е бесплатна мерка која веднаш ќе го намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија.
3. Стоп за алтернативни горива:
Итна забрана за користење на пластика, текстил и гуми како енергенс. Додека фабриката е во населено место, мора да работи исклучиво на гас.
4. Технолошка надградба – „Влажни испирачи“:
Задолжително вградување на влажни испирачи (scrubbers) за фаќање на киселите гасови и честички. Ова е стандард кој мора да се исполни без одлагање доколку не се користи гас.
5. Жестока контрола на „малите оџаци“:
Загадувањето не е само од индустријата. Потребни се итни, засилени контроли на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад. На испекторите да им се обезбеди современа опрема за индикативни мерења. За ова ни треба силен Инспекторат за животна средина (ДИЖС), предводен од докажан професионалец од техничките науки со искуство во индустријата,а не партиски кадри кои не ги познаваат процесите“, велат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Нула толеранција за загадувачите
Денеска во просториите на Министерството за животна средина и планирање се одржа координативна средба на која покрај министерот Мухамед Хоџа, присуствуваа и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање – Ане Лашкоска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина – Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во министерството.
Министерот Хоџа побара од директорката Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството.
Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозоволи, соопшти министерството.
Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација.
Хоџа на средбата нагласи дека ова е само првиот чекор од низата на чекори кои како министер ќе ги преземе за справување со овој повеќедецениски сложен проблем, за чие решавање ја повика соработката и партнерството од сите кои сакаат да помогнат во намалувањето на загадувањето и обезбедувањето на почиста животна средина.
Македонија
Дислокацијата на цементарницата не е проблем, но не може како на шведска маса да бираме што да анализираме, а што не, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека решението за воздухот во Скопје е системско, кое ќе понуди алтернативен начин за загревање на домовите на граѓаните од источниот и од западниот дел на градот, каде што нема мрежа за централно парно греење. Тој денес истакна дека дислокација не е проблем за Владата, но решението смета дека треба да е системско и сеопфатно оти има градови во кои нема такви големи капацитети, а загадувањето е високо.
„Што се однесува до дислокацијата, тоа не е никаков проблем, што се однесува на Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и за Владата, но сакам да дојдам до суштината. Суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои тие во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови. И на источната порта на градот и на западната порта на градот ние немаме понудено опција за граѓаните како да ги затоплуваат своите домови. Тука, пред сѐ, мислам на далечинско греење и гас. И тоа е децениска негрижа. И тоа е основната суштина во целиот овој процес. Тука ние како Влада работиме, развиваме еден проект, деталите ги очекувам на почетокот на следната година“, рече премиерот Мицкоски.
На проектот веќе се работи, потпишан е меморандум за разбирање со инвеститорот за изградба на гасна електрана, со чија изградба првин на граѓаните кај источната порта на градот, а потоа и на оние кај западната, ќе им биде понудена алтернатива за греење. За тоа ќе треба време, но премиерот Мицкоски е задоволен што целта е одредена и што се чекори кон реализација на оваа цел.
„Јас ги разбирам граѓаните. Тие се секогаш во право. Впрочем, ние сите тука живееме, го дишеме истиот воздух исто како и во другите градови во Македонија во кои нема такви производни капацитети, но има вонредно високо количество ПМ 2,5 и ПМ 10-честички, така што мора ова да биде системско решение. Не можеме парцијално како на шведска маса да си ги бираме работите, тоа што ни одговара да го анализираме, а тоа што не ни одговара да не го анализираме. Мора холистички да биде пристапот и така работиме“, рече премиерот Мицкоски денес по промоцијата на 120 нови полициски возила.
Советот на Скопје синоќа едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од „Зелен хуман град“, по 13-часовна седница, на која, како што соопштија од движењето, првпат биле обединети сите политички групи во Советот во врска со ова прашање.
Македонија
Магла на Стража, Плетвар, Крушево и на патниот правец Бунец – Маврови Анови
Намалена видливост поради појава на магла од 60 – 70 метри има на планинскиот превој Стража, до 50 метри на планинскиот превој Плетвар, од 15 – 20 метри во Крушево и до 20 метри на патниот правец Бунец – Маврови Анови.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

