Свет
Херојот од Сиднеј во интервју раскажа што му поминувало низ главата за време на нападот: „Тоа го бараше мојата душа“
Ахмед ал-Ахмед, мажот што го разоружа едниот од напаѓачите одговорни за смртта на 15 лица на плажата Бонди, во ексклузивно интервју раскажа што му поминувало низ главата непосредно пред херојскиот чин. Иако со својата постапка спасил многубројни животи, таткото на две деца вели дека и натаму жали за оние што ги загубиле животите, пишува Би-би-си.
На снимката се гледа како Ахмед ал-Ахмед, сопственик на продавница од Сиднеј, роден во Сирија, зад грб соборува еден од двајцата напаѓачи и му ја одзема пушката.
„Го држев со десната рака и почнав да зборувам, знаете, да го предупредам – ‘фрли го оружјето, престани да го правиш ова’“, изјави тој за „Си-би-ес њуз“, американскиот партнер на Би-би-си.
Ахмед се присети на моментот кога го совладал 50-годишниот Саџид Акрам, кој во неделата, на 14 декември, отворил оган врз учесниците на прославата на Ханука на плажата Бонди.
„Мојата цел беше само да му го одземам оружјето и да го спречам да одземе човечки живот и да не убива невини луѓе“, рече тој.
Во нападот, кој полицијата го карактеризира како терористички чин насочен против еврејската заедница, беа убиени 15 лица, а 40 беа ранети. Станува збор за најсмртоносната масовна престрелка во Австралија од 1996 година.
Саџид Акрам бил убиен од полицијата, син му Навид Акрам, вториот напаѓач, бил хоспитализиран, а подоцна обвинет за 59 кривични дела, меѓу кои 15 точки за убиство и една за извршување терористички напад.
Ахмед ја опиша и внатрешната борба што ја чувствувал непосредно пред делото за кое властите и политичарите изјавија дека спасило неброени животи.
„Емоционално, правев нешто, чувствував нешто – сила во моето тело, во мојот мозок“, изјави тој.
„Не сакам да гледам луѓе убиени пред мене, не сакам да гледам крв, не сакам да го слушам неговиот пиштол, не сакам да гледам луѓе како врескаат и молат за помош. Тоа беше нешто што мојата душа го бараше од мене“.
Откога го совладал Саџид Акрам, вториот напаѓач го застрелал неколкупати во рамото поради што Ахмед морал да помине најмалку три операции. Во деновите по престрелката, додека бил во болница, му бил врачен чек од 2,5 милиона австралиски долари – сума собрана од десетици илјади членови на заедницата трогнати од неговиот чин.
Во болницата го посетил и австралискиот премиер Ентони Албанизи, кој го опишал како најдоброто од нашата земја, а премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, го нарекол вистински херој. Претходно, и родителите на Ахмед за „Би-би-си Арабик“ изјавиле дека нивниот син бил воден од совеста и човечноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамп: Можеби пријателски ќе ја преземеме Куба
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно „ријателско преземање на Куба, пренесе Ројтерс. Тој рече дека американскиот државен секретар Марко Рубио веќе се занимава со тоа прашање на многу високо ниво.
„Кубанската влада разговара со нас и се во големи проблеми. Немаат пари, немаат ништо сега, но разговараат со нас и можеби ќе имаме пријателско преземање на Куба“, изјави Трамп.
Trump: “We could very well end up having a friendly takeover of Cuba.” pic.twitter.com/QTeif4zCiE
— Conflict Alarm (@ConflictAlarm) February 27, 2026
Кубанската економија е во длабока криза, која дополнително се влоши по прекинот на испораките на нафта од Венецуела. Американското ембарго кон Куба беше дополнително заострено, а Трамп се закани со царини за секоја земја што ќе испраќа нафта на островот.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Во тешка трамвајска несреќа во Милано загина едно лице, а 39 се повредени, од кои некои потешко, јави Би-Би-Си.
Несреќата се случила околу 16 часот на улицата „Виторио Венето“, во северниот дел на градот, кога трамвај излетал од шините и удрил во зграда. Според првичните информации, жртвата е пешак, додека најголем дел од повредените се патници во возилото.
На местото на настанот интервенирале повеќе екипи на итната помош и цивилната заштита, а поставен е и шатор за згрижување на повредените. Има информации дека дел од луѓето биле заробени во оштетениот трамвај.
Сведоци изјавиле дека непосредно пред несреќата се слушнала силна бучава, по што трамвајот забрзал и удрил во објект. Еден од патниците изјавил дека помислил оти станува збор за земјотрес.
Причините за несреќата засега не се познати, а според медиумите, можно е возилото пребрзо да влегло во остра кривина. На местото на настанот пристигнал и градоначалникот на Милано.

