Забава
Крајот на љубовта е близу: 2026 година носи шокови, овие 5 знаци ги очекува болно раскинување
Годината 2026 носи тектонски астролошки промени што ќе влијаат на нашите љубовни врски.
Односите што се изградени врз компромис, страв или илузија ќе се соочат со крајниот тест. Многу врски што се изградени врз навика нема да можат да одолеат на оваа моќна енергија на промени, што ќе значи болен, но ослободувачки крај за некои хороскопски знаци.
Овен
Со влегувањето на Сатурн и Нептун во нивниот знак, Овенот повеќе нема да може да ги избегнува проблемите. Сè од што бегале во нивната врска им се враќа со двојна сила, ставајќи ги пред судбоносна одлука: или ќе работат на проблемите или ќе следи дефинитивно раскинување. Полусрдечните решенија нема да преживеат. Сатурн ќе бара трпение, но нивното вродено его ќе биде под постојан притисок, што ќе доведе многу врски до точка на прекин.
Вага
Вагата ќе почувствува силен земјотрес, бидејќи транзитот на Сатурн и Нептун влијае на нивната куќа на партнерството. Ќе бидат принудени да ги симнат розовите очила и да се соочат со реалноста на врската. Многумина ќе сфатат дека предолго ја одржувале хармонијата по цена на сопствената среќа. Кулминацијата на драмата се очекува на есен, кога ретроградната Венера ќе ги извади сите потиснати проблеми на површина и ќе ја отвори вратата за конечни одлуки за раскинување.
Стрелец
За Стрелците, 2026 година носи шокови. Влегувањето на Уран, планетата на револуцијата, во нивната куќа на врските ќе стимулира ненадејни пресврти. Овој транзит што се случува еднаш во животот е познат по тоа што носи ненадејни прекини во долгорочните врски, раскинати свршувачки и разводи. Стрелците ќе почувствуваат силен нагон да се ослободат од сите окови и ќе се најдат на раскрсница – дали ќе се посветат на партнерство или ќе продолжат понатаму. За многумина, слободата ќе биде попримамливата опција.
Девица
Девиците ќе поминат низ длабока трансформација и ќе затворат поглавје во своите животи. Многумина ќе најдат сила да излезат од исцрпувачките врски во кои дале сè, а не добиле ништо за возврат. Месечевото затемнување во нивниот знак на почетокот на март ќе им донесе целосна јасност и сфаќање дека заслужуваат повеќе. Според астролозите, ова е време да се ослободите од старите шеми на жртвување за да создадете простор за поздрава врска.
Лав
Конечно, Лавовите се на пресвртница што ќе ја дефинира нивната романтична иднина. Затемнувањето на сонцето во февруари ќе донесе ненадејни промени во нивните врски. Астролозите го опишуваат ова како момент на сè или ништо. Врските што ги попречувале и ја намалувале нивната брилијантност нема да го преживеат овој тест. Иако раскинувањата ќе бидат болни, тие се неопходен чекор кон наоѓање љубов што ја слави нивната автентичност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Зошто Брижит Бардо беше толку привлечна? Дел од одговорот е во математиката
Француската актерка и стилска икона Брижид Бардо, која почина на 91-годишна возраст, со децении важеше за една од најпривлечните жени на 20. век. Според некои експерти, дел од таа привлечност може да се објасни и со математиката – поточно со таканаречениот златен пресек.
Лондонскиот естетски хирург д-р Џулијан де Силва наведува дека лицето на Бардо во голема мера одговара на златниот пресек, математички однос (1,618) што уште од античка Грција се користи за опишување склад и убавина. Анализа направена со онлајн алатка, пренесува „Дејли мејл“, покажала дека лицето на Бардо се совпаѓа со правилата на златниот пресек во 81,62 проценти.
Истражувањето ги земало предвид односите меѓу носот, усните и очите, висината на лицето и симетријата. Иако резултатот е висок, според истата анализа, некои денешни ѕвезди имаат уште поголема усогласеност со златниот пресек.
Освен лицето, во нејзината привлечност улога можела да има и русата коса. Истражување на Универзитетот Вестминстер од 2011 година покажало дека мажите почесто им приоѓале на жени со руса коса, во споредба со други бои.
Сепак, според експертите, бројките не можат целосно да го објаснат феноменот Брижит Бардо. Нејзината привлечност, велат, лежела и во комбинацијата на природност и провокативност, како и во харизмата што не може да се измери со формули.
Забава
Би-би-си објави листа од 20 најдобри дестинации за патување во 2026 година
Новинарите на Би-би-си, заедно со експерти за одржлив туризам, објавија листа од 20 најдобри места за патување во 2026 година – дестинации, кои, освен уникатни искуства, го користат туризмот за поддршка на локалните заедници, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство.
На листата се најдоа разни светски региони – од Алжир, Црна Гора и Хебридите во Шкотска, до далечни дестинации како Ишикава во Јапонија, Комодо островите во Индонезија и Улуру во Австралија.
Како една од најдинамичните дестинации се издвојува Абу Даби, каде што во 2026 година се очекуваат значајни културни отворања, меѓу кои Националниот музеј „Зајед“, Природонаучниот музеј „Абу Даби“ и долго најавуваниот „Гугенхајм Абу Даби“.
Меѓу европските избори се најдоа и Гимараеш во Португалија, кој во 2026 година ќе ја носи титулата зелена престолнина на Европа, како и Оулу во Финска, кој ќе биде европска престолнина на културата.
Листата вклучува и дестинации што повикуваат на одговорно патување, како Ишикава во Јапонија, погодена од разорен земјотрес во 2024 година, каде што посетителите директно придонесуваат за обновата на локалните заедници.
Според Би-би-си, заедничко за сите избрани места е тоа што нудат автентични доживувања и можност патувањето да остави позитивен и одржлив траг.
Фото: Žabljak, Montenegro (Pexels)
Забава
Колку дена јадете руска салата? Последиците по здравјето се сериозни, предупредува докторка
За време на празниците се подготвуваат големи количини храна, но важно е да се знае дека несоодветната подготовка и чување може да доведат до сериозни последици по здравјето.
Руска салата, мимоза салата, сарми – се само дел од јадењата што ќе се најдат на новогодишната и божиќната трпеза во домовите.
Меѓутоа, доколку не се внимава, празничната гозба може да предизвика здравствени проблеми.
Како што изјави за „ТВ Прва“ д-р Аурора Белјин, специјалист по микробиологија со паразитологија, многу е важно како храната се подготвува и како се чува, за да не дојде до труење, односно внесување бактерии или вируси во организмот преку храната, пренесува „Б92“.
„Важно е да се одржува хигиената на рацете, облеката во која се подготвува храната, како и на садовите и приборот што се користат. Садовите не треба да имаат оштетувања, бидејќи на такви места можат да се задржат микроорганизми“, изјави Белјин.
Колку дена може да се јаде руска салата?
Таа наведе дека е важно и суровата храна правилно да се чува пред подготовката, за да не дојде до развој на микроорганизми.
„Храната мора добро да се распореди и чува. Суровата храна треба да стои на пониските полици во фрижидерот, бидејќи таму температурата е пониска. Максималната температура во фрижидерот треба да биде 5 степени. На горните полици може да се чува оригинално спакувана храна“, објасни таа.
Особено е важно, кога храната ќе се подготви, да се подели така што иста чинија со салата да не се изнесува и внесува повеќепати, односно истите парчиња храна да не се подгреваат повеќе пати.
„Станува збор главно за салати на база на мајонез. Препораката е тие што побрзо да се оладат и да се поделат во повеќе чинии, за да не се изнесува и враќа една иста во фрижидерот. Периодот на чување е најмногу два до три дена“, изјави д-р Белјин за „Тв Прва“,
Таа додаде дека не се препорачува подгревање на храната во микробранова печка.
„Микробрановата не постигнува еднаква температура во сите делови на храната и тоа е ризично од аспект на бактериите кои имаат тенденција да создаваат спори, а потоа можат да преминат во активна фаза и да лачат токсини што можат да предизвикаат сериозни тегоби“, истакна таа.
Д-р Белјин наведе кои симптоми можат да се појават при труење со храна и потсети дека е потребна лабораториска проверка за точно да се утврди причината и соодветно да се реагира. Во одредени случаи може да дојде и до хоспитализација, особено кај ризичните групи како што се деца, бремени жени и имунокомпромитирани лица.
Симптомите на труење со храна можат да бидат:
мачнина
повраќање
дијареја
понекогаш покачена телесна температура
Поради сето ова, потребно е да се внимава празниците да не се претворат во борба со здравствени проблеми. Уживајте во славењето и храната, но бидете внимателни.
Фото: Depositphotos

