Забава
Колку дена јадете руска салата? Последиците по здравјето се сериозни, предупредува докторка
За време на празниците се подготвуваат големи количини храна, но важно е да се знае дека несоодветната подготовка и чување може да доведат до сериозни последици по здравјето.
Руска салата, мимоза салата, сарми – се само дел од јадењата што ќе се најдат на новогодишната и божиќната трпеза во домовите.
Меѓутоа, доколку не се внимава, празничната гозба може да предизвика здравствени проблеми.
Како што изјави за „ТВ Прва“ д-р Аурора Белјин, специјалист по микробиологија со паразитологија, многу е важно како храната се подготвува и како се чува, за да не дојде до труење, односно внесување бактерии или вируси во организмот преку храната, пренесува „Б92“.
„Важно е да се одржува хигиената на рацете, облеката во која се подготвува храната, како и на садовите и приборот што се користат. Садовите не треба да имаат оштетувања, бидејќи на такви места можат да се задржат микроорганизми“, изјави Белјин.
Колку дена може да се јаде руска салата?
Таа наведе дека е важно и суровата храна правилно да се чува пред подготовката, за да не дојде до развој на микроорганизми.
„Храната мора добро да се распореди и чува. Суровата храна треба да стои на пониските полици во фрижидерот, бидејќи таму температурата е пониска. Максималната температура во фрижидерот треба да биде 5 степени. На горните полици може да се чува оригинално спакувана храна“, објасни таа.
Особено е важно, кога храната ќе се подготви, да се подели така што иста чинија со салата да не се изнесува и внесува повеќепати, односно истите парчиња храна да не се подгреваат повеќе пати.
„Станува збор главно за салати на база на мајонез. Препораката е тие што побрзо да се оладат и да се поделат во повеќе чинии, за да не се изнесува и враќа една иста во фрижидерот. Периодот на чување е најмногу два до три дена“, изјави д-р Белјин за „Тв Прва“,
Таа додаде дека не се препорачува подгревање на храната во микробранова печка.
„Микробрановата не постигнува еднаква температура во сите делови на храната и тоа е ризично од аспект на бактериите кои имаат тенденција да создаваат спори, а потоа можат да преминат во активна фаза и да лачат токсини што можат да предизвикаат сериозни тегоби“, истакна таа.
Д-р Белјин наведе кои симптоми можат да се појават при труење со храна и потсети дека е потребна лабораториска проверка за точно да се утврди причината и соодветно да се реагира. Во одредени случаи може да дојде и до хоспитализација, особено кај ризичните групи како што се деца, бремени жени и имунокомпромитирани лица.
Симптомите на труење со храна можат да бидат:
мачнина
повраќање
дијареја
понекогаш покачена телесна температура
Поради сето ова, потребно е да се внимава празниците да не се претворат во борба со здравствени проблеми. Уживајте во славењето и храната, но бидете внимателни.
Фото: Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Кога и зошто почнала традицијата на славење на Новата година
Милиони луѓе од целиот светот ја пречекуваат Новата година како симбол на нов почеток и надеж за подобри денови. Но, обичајот на новогодишно славење има длабоки историски корени.
Новата година го означува почетокот на нов временски циклус, а во повеќето култури тој почнува на 1 јануари, според грегоријанскиот календар. Овој датум, сепак, не бил отсекогаш прифатен.
Најстарите траги од новогодишна прослава потекнуваат од Месопотамија, каде што пред повеќе од 2.000 години Новата година се славела на почетокот на март во согласност со природните циклуси и земјоделските работи. И Кинезите се меѓу првите народи што го одбележувале овој ден, при што празникот бил поврзан и со размена на подароци.
Во антички Рим, иако јануари бил воведен уште во 700 година пр. н.е., Новата година долго време се славела на 1 март. Промената дошла во 153 година пр. н.е. кога јануари станал почеток на граѓанската година. Конечно, во 46 година пр. н.е. Јулиј Цезар со новиот соларен календар законски го утврдил 1 јануари како официјален почеток на годината.
Оттогаш овој датум постепено станал прифатен во поголемиот дел од светот како симболичен почеток на новата година.
Фото: pexels
Забава
Од луд провод до тивка вечер дома: што вели хороскопот за новогодишната ноќ
Дали Новата година ќе ја дочекаш на луда журка, во ексклузивен ресторан или мирно дома со најблиските? Астрологијата открива како секој хороскопски знак најмногу сака да се забавува во најдолгата ноќ во годината – од разузданите Овни до мирните Ракови.
Овен – сака луд, разуздан помин и журки до зори, често со многу алкохол.
Бик – ужива во гурмански дочек, во ресторан или дома со блиските.
Близнаци – секоја година избираат нешто поинакво; патувања, големи прослави или дочек на улица.
Рак – најсреќен е дома, со семејството, добра храна и мирна атмосфера.
Лав – се подготвува со месеци и избира ексклузивен дочек; важно му е да биде забележан и да не биде сам на полноќ.
Девица – избегнува гужви и бучни забави, преферира тивок дочек дома со мал круг луѓе.
Вага – сака „ин“ места, дотерување и внимание; често ја дочекува Новата година во прегратка.
Шкорпија – поделени се; младите сакаат забава, постарите мирен дочек дома.
Стрелец – најчесто патува, но се забавува секаде каде и да е.
Јарец – не е љубител на гласни прослави; Новата година ја дочекува скромно, најчесто дома.
Водолија – обожава забави, клубови и дружење со нови луѓе; останување дома не доаѓа предвид.
Риби – најважно им е друштвото; сакаат домашен дочек, но знаат и да претераат со алкохол.
Забава
Зошто кафето не е решение за мамурлак и што да пиете наместо тоа
Дочекот на Новата година за некои значи и повеќе алкохол, а тоа може да резултира со мамурлак – главоболка, мачнина и вртоглавица, пишува Express.co.uk.
Според лекарите, се препорачува добра хидратација пред, за време и по консумирање алкохол, како и внес на електролити – преку напитоци или таблети, најдобро пред спиење.
Експертите предупредуваат дека кафето не помага, туку може дополнително да ја влоши дехидрацијата. Наместо тоа, се советува вода или електролитни напитоци, особено ако има мачнина или вртоглавица.
Електролитите може да се надоместат и преку исхраната – со храна богата со калиум, како банани, цитрусно овошје, зелен лиснат зеленчук, компири.
Покрај тоа, важен дел од закрепнувањето е одморот. Алкохолот го нарушува квалитетот на сонот, па експертите советуваат да се престане со пиење порано навечер за телото да има време да го преработи алкохолот и да се обезбеди подобар сон.
Фото: pexels

