Македонија
Јадете 3 до 4 часа пред спиење, умерено со алкохолот и без петарди – совети за безбеден дочек на Новата година
Новогодишните празници носат промени во секојдневниот ритам, но и зголемени здравствени ризици доколку не се внимава на исхраната, консумацијата на алкохол и употребата на пиротехнички средства, предупредува Институт за јавно здравје.
Во соопштението се наведува дека празничните прослави често се одвиваат во доцните вечерни и ноќни часови, со зголемен внес на калорична и нутритивно неурамнотежена храна. Таквите навики, иако најчесто се сметаат за привремени, при повторување можат да имаат негативно влијание врз здравјето.
Институтот посочува дека во вечерните часови физиолошки се намалуваат метаболичката активност, инсулинската чувствителност и гастроинтестиналната мотилност. Како резултат на тоа, доцното и обилно јадење може да доведе до нарушена регулација на шеќерот во крвта, зголемено складирање на масти, нарушен сон, појава на рефлукс, надуеност и чувство на тежина. Долгорочно, ваквите навики се поврзуваат со зголемен ризик од дебелина, кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2.
Препораки за исхрана за време на празниците
Институтот препорачува последниот поголем оброк да се консумира најмалку три до четири часа пред легнување, дури и кога времето на спиење е поместено поради празнични прослави. Доколку вечерата е во доцните часови, се советува избор на полесна храна со пониска енергетска вредност, ограничување на масна, пржена и силно зачинета храна, како и внимавање на големината на порциите.
По доцен оброк не се препорачува веднаш легнување, туку оставање време за иницијална дигестија, а по можност и кратка прошетка. Во деновите меѓу празниците се советува одржување редовен распоред на оброци, а по завршувањето на празничниот период – враќање на здрави навики и избегнување на доцното јадење. Лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни заболувања треба да бидат особено внимателни.
Апел за умереност со алкохолот
Новогодишните празници традиционално се поврзуваат и со зголемена консумација на алкохол. Од Институтот апелираат на умереност и самоконтрола, предупредувајќи дека брзото и прекумерно пиење го зголемува ризикот од повреди, труења и акутни здравствени состојби.
Посебно се нагласува дека никогаш не смее да се управува моторно возило под дејство на алкохол, бидејќи и мали количини го намалуваат вниманието и реакциите. Доколку се консумира алкохол, потребно е однапред да се обезбеди безбеден превоз.
Институтот советува алкохолот да се комбинира со храна, како и редовно да се внесува вода за спречување дехидратација. Се предупредува и на можните опасни интеракции на алкохолот со лекови, поради што лицата кои се на терапија треба да ја избегнуваат или строго да ја ограничат неговата употреба. Бремените жени, малолетниците и лицата со хронични заболувања не треба да консумираат алкохол.
Сериозен ризик од петарди и пиротехника
Во соопштението се укажува и на ризиците од употребата на петарди и пиротехнички средства за време на празниците. Институтот нагласува дека пиротехника не смее да се користи од деца и малолетници, а родителите и старателите имаат клучна улога во превенцијата.
Се потенцира дека никогаш не смее да се ракува со пиротехника под дејство на алкохол или психоактивни супстанции, како и дека не треба повторно да се активира средство кое не експлодирало. Бучавата од пиротехниката, како што се наведува, може да предизвика стрес, анксиозност и оштетување на слухот, особено кај деца, постари лица и домашни миленици, поради што се препорачува размислување за алтернативни, побезбедни начини на прослава.
При повреди или пожари, Институтот апелира веднаш да се побара медицинска помош и да се известат надлежните служби.
Со овие препораки, Институтот за јавно здравје повикува празниците да се поминат одговорно, со цел зачувување на здравјето и безбедноста на граѓаните.
Фото: pexels
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трендафилов: Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата за 1.600 денари, излегуваме повторно на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска ја напушти седницата на Економско – социјалниот совет, на која на дневен ред беше минималната плата. Тој обвини дека власта на мала врата пробува да утврди усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари.
„Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми“, вели Трендафилов.
Тој најави дека протестите ќе продолжат на средината на март. „За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март“, објави Трендафилов.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред била Информација за висината на минималната плата.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
Македонија
(Видео) СДСМ бара одговорност од власта за шверцот со петте тони дрога
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција побара одговорност од актуелната власт во врска со, како што рече, најголемиот нарко скандал во регионот, по заплената на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија.
Таа посочи дека повеќе од еден месец нема одговори како толкава количина дрога ја поминала границата и кој од врвот на власта ќе понесе одговорност.
Според Кузеска, од досега достапните информации произлегува дека станува збор за високо организирана криминална група која, како што рече, не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта.
Кузеска наведе три клучни аспекти за кои, според СДСМ, треба да се утврди одговорност.
Првиот се однесува на локации во околината на Свети Николе, каде што, како што тврдеше, се вршел претовар на дрогата. Таа рече дека од фабрика во кругот на ОХИС „Алфафарм“ дрогата била транспортирана без полициска придружба, прашувајќи кој го дозволил тоа и зошто не биле извршени контроли.
Вториот аспект се однесува на начинот на пренос преку граница, при што, според неа, дрогата била препакувана како перници. Таа праша како, и покрај скенерите и контролите, пратките ја поминале границата, посочувајќи дека одговорност треба да се бара и кај царинските служби.
Третиот аспект, според Кузеска, е поврзан со информациите дека пратката завршила во магацин на локални функционери на српската СНС, за која рече дека е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, при што посочи и на наводни блиски врски со српски функционери.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да се заташка“, изјави Кузеска, додавајќи дека не смее одговорноста да заврши само кај магационери, превозници и сопственици на фирми, туку, како што рече, мора да се утврди кој од власта ќе одговара.
Македонија
Инвертер клими за ранливи домаќинства — објавен јавен повик до сите компании да се вклучат во борбата против енергетската сиромаштија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Јавниот оглас за пријавување на интерес од страна на правни субјекти кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Основната цел на јавниот повик е обезбедување директна поддршка за домаќинствата кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување потврда-ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.
Со програмата е предвидено секое домаќинство кое ќе добие ваучер да може да набави и инсталира високоефикасен инвертер клима уред во вредност до 28.000 денари со вклучен ДДВ, кај компании кои ќе склучат договор со Министерството по спроведување на јавниот оглас.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, а избраните компании ќе имаат обврска да обезбедат уреди со најмалку енергетска класа А+, нивна монтажа на адресата на корисникот, како и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.
Министерството ги повикува сите заинтересирани компании активно да се вклучат во реализацијата на програмата и да придонесат кон нејзино успешно спроведување.
Оваа мерка претставува конкретен чекор во намалување на енергетската сиромаштија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата, обезбедувајќи поекономично и поодржливо греење за граѓаните кои имаат најголема потреба од поддршка.
Јавниот оглас, условите за пријавување и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-prijavuvanje-subjekti-koi-vrsat-trgovija-na-visokoefikasni-inverter-klima-uredi
По завршувањето на постапката по јавниот оглас и по објавувањето на листата на компании со кои Министерството ќе склучи договор, истовремено ќе бидат објавени и списоците на лицата кои се стекнале со право на користење на оваа субвенција. Со тоа ќе се создадат услови веднаш да започне процесот на доделување ваучери и набавка и инсталација на високоефикасните инвертер клима уреди, без дополнителни административни одложувања, со цел навремена и ефикасна реализација на мерката во интерес на граѓаните.
Фото: Depositphotos

