Свет
Трамп: Се сомневам дека НАТО би бил тука за нас ако ни треба, но Америка секогаш ќе биде тука за НАТО
Американскиот претседател Доналд Трамп во подолга објава на својата социјална мрежа Трут соушал го изнесе своето гледиште за НАТО. Тој порача дека се сомнева оти сојузниците би застанале зад Соединетите Американски Држави „ако навистина ни бидат потребни“, но истовремено нагласи дека САД секогаш ќе бидат тука за НАТО, „дури и ако тие не бидат тука за нас“.
Во својата објава не наведе што би значел неговиот став во контекст на неговите претходни закани за преземање на Гренланд, кој е дел од Данска, една од членките на НАТО.
Трамп, исто така, ги презеде заслугите за зајакнувањето на НАТО, тврдејќи дека токму тој ги поттикнал земјите-членки да ја зголемат одбранбената потрошувачка. Тој изјави и дека без него „Русија сега би ја имала цела Украина“, а остро го критикуваше и Нобеловиот комитет затоа што не му ја доделил Нобеловата награда за мир.
Тој додаде дека Америка е обновена под негово водство и дека е „единствената нација од која **Кина и Русија се плашат и која ја почитуваат“.
Објавата на Трамп во целост
„Запомнете, за сите тие големи обожаватели на НАТО, тие беа на 2% од БДП, а повеќето не ги плаќаа своите сметки, СÈ ДОДЕКА ЈАС НЕ ДОЈДОВ. САД, глупаво, плаќаа за нив! Јас ги доведов, со почит, до 5% од БДП, И ТИЕ ПЛАЌААТ, веднаш. Сите велеа дека тоа не може да се направи, но можеше, бидејќи, над сè, сите тие се мои пријатели. Без моето учество, Русија сега би ја имала ЦЕЛА УКРАИНА.
Запомнете и дека јас самостојно ЗАВРШИВ 8 ВОЈНИ, а Норвешка, членка на НАТО, глупаво одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир. Но тоа не е важно! Она што е важно е дека спасив милиони животи. РУСИЈА И КИНА НЕМААТ НИКАКОВ СТРАВ ОД НАТО БЕЗ СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ, И СЕ СОМНЕВАМ ДЕКА НАТО БИ БИЛ ТУКА ЗА НАС АКО НАВИСТИНА НИ БИДЕ ПОТРЕБЕН. СИТЕ СЕ СРЕЌНИ ШТО ЈА ОБНОВИВ НАШАТА ВОЈСКА ВО МОЈОТ ПРВ МАНДАТ, И ПРОДОЛЖУВАМ ДА ГО ПРАВАМ ТОА.
Секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие не бидат тука за нас. Единствената нација од која Кина и Русија се плашат и која ја почитуваат е САД“, напиша Трамп.
Фото: Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мелони: Не би поддржала американски напад врз Гренланд, но тие мора да бидат таму
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денеска изјави дека не верува оти Соединетите Американски Држави ќе употребат воена сила за анексија на Гренланд, предупредувајќи дека таков потег би имал тешки последици за НАТО.
На традиционалната новогодишна прес-конференција, Мелони додаде дека постои потреба од „сериозно и значајно“ присуство на НАТО во арктичкиот регион, вклучително и на Гренланд.
„И понатаму не верувам во хипотезата дека Соединетите Американски Држави би покренале воена акција за да ја преземат контролата врз Гренланд, опција што очигледно не би ја поддржала“, рече Мелони.
„Тоа не би било ни во интерес на САД“
„Верувам дека тоа не би било во ничиј интерес. Мислам дека тоа не би било ни во интерес на Соединетите Американски Држави, да бидам јасна“, додаде италијанската премиерка.
Операцијата на американската војска во која беше соборен лидерот на Венецуела повторно ја поттикна загриженоста околу американските намери кон Гренланд. Белата куќа во вторникот соопшти дека САД разгледуваат повеќе опции за преземање на Гренланд, меѓу кои и употреба на воена сила.
„На сите им е јасно дека тоа значително би влијаело врз НАТО“
Мелони, која важи за една од најблиските европски сојузнички на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека „на сите им е јасно“ оти секој американски потег поврзан со Гренланд би имал значително влијание врз НАТО. Таа додаде дека токму тоа е причината зошто не верува дека Вашингтон ќе ги реализира своите закани.
Сепак, истакна дека е важно НАТО да го засили своето присуство во арктичкиот регион, како и да ја разбере загриженоста на САД околу потребата од спречување на „прекумерно мешање на други актери кои би можеле да бидат и непријателски расположени“.
Свет
Писмо од Трамп до Орбан: поддршка пред изборите во Унгарија
Американскиот претседател Доналд Трамп му посакал многу среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, во писмо што Орбан го објави на својата „Фејсбук“ страница.
Двајцата лидери се сретнаа во Белата куќа на 7 ноември, каде што Трамп му одобрил на Орбан едногодишно изземање од американските санкции за руската енергија, со што бил спречен пораст на цените што сериозно би го погодил унгарското стопанство, изјави Орбан.
Во своето писмо, Трамп наведува дека храброто водство на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додава дека со нетрпение очекува продлабочување на соработката во областа на одбраната, енергетиката и илегалните миграции.
„Отсекогаш цврсто ги браневте принципите што ја прават Унгарија толку извонредно место – верата, семејството и суверенитетот“, напишал Трамп во писмото од 10 декември.
Свет
Половина Киев без греење по тешкиот напад; Кличко: Ако можете, напуштете го градот
Половина од станбените згради во Киев, речиси 6.000, моментално се без греење откако клучната инфраструктура на главниот град беше тешко оштетена во голем руски напад. Градот се соочува и со прекини во водоснабдувањето, пишува Украинска Правда.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека синоќешниот комбиниран напад бил најтежок досега за клучните инфраструктурни објекти на главниот град.
„Комуналните служби ги поврзаа социјалните објекти – особено болниците и породилиштата – на мобилни котларници. Заедно со енергетичарите работат на враќање на струјата и греењето во домовите на жителите на Киев“, рече Кличко.
In Kyiv and the region, the aftermath of the massive Russian strike is still being dealt with. All necessary services are deployed. Twenty residential buildings alone were damaged. Recovery operations after the strikes also continue in the Lviv region and other regions of our… pic.twitter.com/AMkwfKHOkC
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 9, 2026
„Градските служби работат во вонредни услови. За жал, за наредните денови се прогнозираат тешки временски услови“, додаде градоначалникот, упатувајќи апел до граѓаните.
„Исто така апелирам до жителите на главниот град кои имаат можност привремено да го напуштат градот и да заминат некаде каде што постојат алтернативни извори на струја и топлина, да го сторат тоа“, заклучи Кличко.
Нападот започнал во вечерните часови на 8 јануари, кога во Киев се слушнале експлозии предизвикани од руски напади со дронови. Во населбата Десњански, беспилотно летало погодило покрив на станбена зграда.
Потврдено е дека во рускиот напад врз Киев загинале четири лица. Поради оштетување на надземната мрежа и прекините во снабдувањето со електрична енергија во Киевската област, регистрирани се и доцнења во сообраќајот на дел од патничките возови. До утрото на 9 јануари, повеќе од 500.000 потрошувачи во градот Киев и околната област останале без електрична енергија.

