Македонија
За една недела 1.725 заболени од грип, пикот се очекува на крајот на јануари и почетокот на февруари
Во периодот од 29 декември 2025 година до 4 јануари 2026 година пријавени се 1.725 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со неделата претходно, кога бројката на пријавени случаи изнесувала 771 заболен, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Споредено со истата недела од мината сезона, бројот на заболени од грип е зголемен за 5,2 пати.
Според возраста, најголем дел од заболените лица или 749 се од возрасната група помеѓу 15 и 64 години, потоа 618 се деца на возраст од пет до 14 години, 229 од заболените се деца на возраст од нула до четири години и 129 лица се на возраст над 65 години.
„Согласно овие податоци во Македонија имаме висок интензитет на вирусот на грип со очекување за натамошно зголемување во наредниот период“, рече Андоновска и додаде дека сепак, ваквата ситуација не е нешто ново, имајќи предвид дека се наоѓаме среде период на празници со многу прослави и собири на луѓе, што го зголемува ризикот од трансмисија на вирусот.
Андоновска кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

