Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати
СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати, помалку жртви, помалку повредени, а повеќе безбедност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче се против безбеден град, против заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, против намалувањето на повредени и човечки жртви во сообраќајот. СДС се против и покрај фактите и бројките за помалку жртви и помалку повредени, СДС се против се што е добро ако не е од нив. СДС додека беа на власт 8 години ништо не направија за да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ги заштитат граѓаните. Зошто СДС и Оливер Спасовски цели 8 години не усогласиле ништо поврзано со Законот за заштита на лични податоци. За разлика од СДС изминатите неколку недели Министерството за внатрешни работи усогласи околу 11 акти со Агенцијата за заштита на личните податоци“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека целта на „Безбеден град“ е да ја зголеми безбедносната култура на граѓаните, целта на „Безбеден град“ не е да казнува, туку да спаси човечки животи, да има колку што е можно помалку сообраќајни прекршоци, помалку повредени и колку што е можно помалку човечки жртви.
„На почетокот безбеден град детектира над 100.000 прекршоци дневно, а сега имаме драстично помалку сообраќајни прекршоци дневно. Со безбеден град успеаја бројот на починати на територија на СВР Скопје да го намалат од 11 споредено со декември и јануари минатата година на 2 смртни случи во декември 2025 и јануари 2026 година, заклучно со 20 јануари. Бројот на повредени лица, како последица на непочитување на сообраќајни правила, споредено за овие 50-тина дена со крајот на 2025 со почеток на 2026 година и крај на 2024 со почеток на 2025 година за истите месеци декември и јануари е намален за 35 отсто. Имаме за 35 отсто помалку повредени лица на територија на СВР Скопје компарирано со претходните два месеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата
На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку кој ќе профункционира системот „Сејф сити”, Левица ќе поднесува измени особено во однос на глобите, односно ќе бараат скалесто казнување.
„Не може да се казнуваат исто луѓе со месечни примања од 500 ЕУР и луѓе со месечни примања и од по 50.000 ЕУР”, рече Крмов.
За Предлог-измените на Законот за прекршоци со цел имплементација на системот „Сејф сити”, Крмов истакна дека законското решение не е совршено, но пратеничката група на Левица ќе го поддржи бидејќи ценат дека тој систем би можел да спаси животи.
Пратеникот најави дека ќе следат корекции „во од” како што најави и власта, а при истите Левица ќе има свои предлози за кои побара поддршка од владејачкото мнозинство.
Македонија
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
Против неговиот избор гласаа шест пратеници, а од вкупниот број пратеници што доаѓаат од заедници кои не се мнозинство, 28 беа „за“, додека осум гласаа „против“.
Сељами има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
Тој доаѓа на местото на Насер Зибер, кој на 12 јули 2025 година ги исполни условите за старосна пензија.
Македонија
Муцунски на министерски состанок во Истанбул: За справување со закани потребна е засилена координација и размена на информации во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.

