Македонија
„Неодржливи се причините на СДС и ДУИ зошто гласаа против Безбеден град, Али и Венко сега коалиција и во опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Системот Безбеден град за дигитален надзор е дел од стратегијата на МВР за зголемување на безбедноста во сообраќајот, а резултатите беа видливи уште во првите 24 часа од тест-периодот што е јасен показател дека мерката функционира. На СДС изговорот им беше злоупотреба на податоци, на ДУИ затоа што немало да се спроведува на ниво на целата држава, па се здружија во опозиција со недоволно потковани причини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет е безбедноста на граѓаните во сообраќајот, а во првата фаза камерите ќе бидат поставени на локации со поголем ризик, додека во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата.
Но, сепак како пратенички групи одлучија да гласаат против измените на Законот за прекршоци во Собранието.
Јавноста добро памети на нивните сојузништва, рака под рака во бројни сомнителни тендери и афери, а сега откако се во опозиција се загрижени за транспарентност и злоупотреби.
Или не се свесни за сопствената хипокризија, па не препознаваат или улогата на опозиција ја имаат сфатено како неприфаќање на секој предлог, на секоја иницијатива, што би можела да го подобри животот и да ја зголеми безбедноста на граѓаните.
Еве тогаш да прашаме, дел од владината коалиција на СДС и ДУИ беше и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. Зошто не презеде ништо во 7 години власт за подобрување на безбедноста во сообраќајот?
Измените на Законот за прекршоци кои беа неопходни за официјален старт на системот Безбеден град се усвоија во Собранието со 81 глас ЗА.
81 претставници во Собранието, избрани од народот, сметале дека треба да се воведе сисемот Безбеден град.
Ама, Венко и Али сметаат дека тоа е не е добро за граѓаните.
Сите развиени земји во светот имаат имплементирано ваков систем.
На пример, во Дубаи постои ,,Смарт Дубаи“, официјална иницијатива на Владата на Дубаи, лансирана во 2014 година, со цел Дубаи да се трансформира преку технологија и дигитални иновации. ,,Смарт Дубаи“ вклучува и иницијативи за паметен сообраќај и мобилност, преку податочно-управувани системи.
Еден од столбовите е безбедноста во сообраќајот.
На Филипче со златна виза ова му одговара, ама граѓаните на Македонија да бидат безбедни, не му одговара.
Едноставно е, треба само да пребараат на гугл, дека ваквите системи се гаранција за безбедноста на луѓето во сообраќајот во цел свет. И ова не е конструктивна опозиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Членовите на изборните одбори сѐ уште без пари – ДИК и општините молчат
Политичката партија Левица најостро го осудува недозволивото доцнење со исплатата на надоместоците за лицата ангажирани во спроведувањето на двата круга од локалните избори во октомври, односно ноември 2025 година.
„Иако од изборниот процес поминаа речиси три месеци, голем број ангажирани лица сè уште не ги добиле заработените средства, а процесот на исплата кој се врши преку единиците на локалната самоуправа во повеќе општини не е ни блиску до завршен. Левица укажува дека и Државната изборна комисија и локалните администрации покажуваат крајна нетранспарентност во однос на реализацијата на исплатите во многу општини каде постојат задоцнувања, како и во врска со причините за ваквата состојба“, велат од Левица.
Според партијата, со ова однесување, ДИК демонстрира не само административна неодговорност, туку и дрско непочитување на трудот на илјадници лица кои професионално и одговорно го спроведоа изборниот процес.
„Да потсетиме дека висината на надоместоците за изборни ангажмани остана иста како при претседателските и парламентарните избори во мај 2024 година, без никакво усогласување со инфлаторниот раст на животните трошоци во меѓувреме. Тоа значи дека ангажираните лица реално работеа за помал износ, што ја покажува системската негрижа кон оние што го обезбедуваат изборниот процес“, велат од партијата.
Левица бара итна и целосна исплата на сите средства што ДИК им ги должи на лицата ангажирани во спроведувањето на локалните избори, јавно објавување на податоците за реализираните и нереализираните исплати во секоја општина, како и ревидирање на сегашната пракса на исплата преку локалната самоуправа, која се покажува како исклучително неефикасна и нетранспарентна.
Македонија
Сиљановска-Давкова на отворањето на Зимската школа: Македонскиот јазик е темел на идентитетот и културната самосвест
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, која се одржува под нејзино покровителство.
Сиљановска-Давкова ја оцени Зимската школа како значаен настан што ја продолжува долгата научна и културна традиција на македонистиката и нагласи дека таа претставува жива академска дебата за македонскиот јазик како темел на идентитетот, меморијата и културната самосвест.
Таа посочи дека во услови на забрзани промени, дигитализација и глобални влијанија, македонскиот јазик мора да биде функционален и видлив во дигиталниот свет и да остане жив за идните генерации, како во земјата, така и во дијаспората.
Според неа, Зимската школа е влог и инвестиција во иднината на македонскиот јазик и македонистиката како светска научна мрежа, а како успешен пример на образовна и научна дипломатија придонесува за меѓунационалниот дијалог и меѓусебното идентитетско разбирање и признавање.
Во обраќањето, претседателката ја истакна и улогата на лекторатите по македонски јазик како културни пунктови и жаришта на македонистиката и изрази надеж за нивно зголемување. Таа ја прогласи Шестата зимска школа за отворена и им посака плодна и инспиративна работа на учесниците.
Македонија
Судењето за „Пулс“ почна со предупредување за родителите на загинатите дека ќе бидат исклучени, по тензиите со бранителката на Јованови
Денешното судење за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени почна со предупредување за родителите на загинатите кои го следат судењето. Пред да почне сослушувањето на сведоците, судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и им објасни дека сите обвинети имаат право на адвокат, по тензијата од минатото рочиште. Ги предупреди дека ќе бидат исклучени од судењето доколку го нарушат редот во судницата, а исклучување на јавноста на следното нарушување на редот побара и адвокатката на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, Ивана Коцевска.
Адвокатката Коцевска во саботата побара сите надлежни органи да преземат мерки поради тоа што, како што кажа, нејзиниот лик бил „злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма“ на транспарент за време на „Маршот на ангелите“ во Кочани.
Родителите на загинатите, пак, тврдат дека е неточно тврдењето дека на транспарентот била адвокатката Коцевска, дека тие воопшто не ја споменале, но таа се препознала.
„На постерот не се препознавате само вие, се препознаваат и други лица кои имаат физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше ниту ја толкуваше пораката како напад. Единствено, вие адвокатке Коцевска излеговте со тврдења дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние семејствата не ве ни споменавме, ниту ве нападнавме. Ние семејствата се бориме за вистината за изгубените животи на нашите најмили“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
На денешното рочиште ќе сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот во „Пулс“.

