Македонија
8.000 денари еднократна финансиска помош за секое новороденче во општина Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува зголемена финансиска поддршка за секое новородено дете. Од оваа година, секое семејство ќе добива 8.000 денари еднократна финансиска помош, како конкретна поддршка во најубавите, но и најодговорни моменти од родителството, велат од Општината.
Со оваа мерка, Општината испраќа јасна порака за посветеност кон семејството, децата и демографскиот развој, како и континуирана грижа за младите брачни парови кои ја градат својата иднина во Ѓорче Петров.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека оваа одлука е дел од пошироката визија за зајакнување на семејството како темел на локалната заедница:
„Секое новородено дете е нов почеток, надеж и наша заедничка одговорност. Со оваа зголемена финансиска поддршка испраќаме јасна порака дека стоиме зад младите семејства и дека инвестираме во животот од самиот почеток. Грижата за децата не е трошок, туку највредната инвестиција во иднината на нашата општина.“
Финансиската поддршка од 8.000 денари претставува директна помош за родителите, но и симбол на општинска политика насочена кон создавање сигурна, стабилна и охрабрувачка средина за раст, развој и достоинствено детство, додаваат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Презентирани приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на ЕУ во Собранието
Денес во Собранието, се одржа заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања. На седницата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на Република Кипар, Андреас Фотиу; министерот за европски прашања, Беким Сали; пратеници, претставници на медиумите, како и членови на граѓанскиот сектор и граѓански организации.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, и претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, ги поздравија присутните и му дадоа збор на кипарскиот амбасадор, кој одржа презентација за Програмата и приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2026 година.
Во своето обраќање, амбасадорот го претстави мотото „Автономна Европа, отворена кон светот“, истакнувајќи ги приоритетите за зајакнување на безбедноста и одбранбената подготвеност, унапредување на конкурентноста, отвореност кон светот, промоција на европските вредности и обезбедување долгорочна стабилност на Европската Унија.
Тој нагласи дека Северна Македонија е важен дел од процесот на проширување на Европската Унија, ги поздрави спроведените реформи во државата и ги охрабри континуираните напори за натамошно унапредување на европската интеграција.
Македонија
Келнер, кој непријавен работел во „Пулс“, сведочи дека клубот имал само еден влез, имало малолетници, а пред пожарот со 63 жртви имало танчерки кои вртеле факели
Првиот сведок на Обвинителството, 20 – годишниот Кристијан Панов, на денешното судење за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени кажа дека тој и брат му Андреј, кој загина во пожарот, работеле непријавени, во дискотеката и претходно се користеле запаливи средства за забава, дека имало само еден влез/излез за гостите и дека имало малолетни лица.
Панов сведочеше дека работел во „Пулс“ за викенди, на повик, а дневницата му била 1500 денари кои ги добивал пред почетокот на смената. Неговиот брат, пак, работел како шанкер.
Панов рече дека вечерта кога се случи пожарот не бил повикан да работи, во „Пулс“ дошол во 02.20 часот на роденден кај другар. Објектот бил преполн. Бил излезен да испуши цигара кога слушнал како преку микрофон некој им кажува на гостите „излегувајте сите, ќе се вратиме“ по што настанал хаос од луѓе кои се обидувале да излезат. Сведочеше дека многумина се заглавиле на вратата, едно врз други на скалите кај влезот. Тој почекал малку да се расчисти метежот и влегол да го побара братот.
„Нешто падна врз мене, се распрсна и морав да излезам. Кога се вратив по вторпат го најдов брат ми пред влезот. Имаше многу тела, никој не беше при свест. Јас ги поместував телата за да го најдам брат ми. Тој веќе беше надвор, некој го извлекол кај влезот. Го познав по тетоважите“, сведочеше Панов.
Во болницата во Кочани му кажеле дека му дале адреналин на неговиот брат, се обидувале да го реанимираат, на кратко останал сам со него и тој се обидувал да го оживее се додека сестра од болницата не му кажала дека „во собата број два се тие што не дишат“.
На прашањето дали во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, Панов одговори дека на претходната забава со ди-џеи од Грција имало танчерки кои вртеле запалени факели. Во објектот Панов не забележал противпожарни апарати, но кажа дека додека бил надвор на цигара покрај него поминал газдата дејан Јованов со противпожарен апарат во рацете.
Обвинителството на денешното судење ќе повика уште четворица сведоци.
Македонија
Министерот за европски прашања, Беким Сали, се сретна со амбасадорот на Кипар
Во просториите на Министерството за европски прашања, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Република Кипар, Андреас Фотиу.
Во фокусот на разговорите беше процесот на евроинтеграциите, дипломатските односи меѓу двете држави, како и реформската агенда која се реализира со предвидената динамика.
Министерот Сали лично му упати честитки на амбасадорот Фотиу за претседавањето со Европската унија од страна на Република Кипар, нагласувајќи ја важноста на оваа улога за унапредување на европските политики и зајакнување на регионалната соработка. Тој изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на Кипар во процесот на европска интеграција на земјата.
Од своја страна, амбасадорот Фотиу го оцени институционалниот ангажман во спроведувањето на реформите и ја потврди подготвеноста на Република Кипар да продолжи со поддршката на патот кон Европската унија.

