Македонија
„Повеќе од еден месец молк од Антикорупциска за тендерските шеми на Томовски: дали и овие докази се ‘изгубија’ во октоподските пипци“, прашува Левица
„Помина повеќе од еден месец откако Левица достави конкретни докази, вклучително и фотографии, до Антикорупциската комисија во врска со сомнежите за поврзаност помеѓу директорот на СОЗР Ивица Томовски и управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг“, фирма која инкасираше околу 5 милиони евра државни пари преку тендери“, велат од Левица.
„И покрај сериозноста на наводите, ДКСК очигледно во обид да го заташка и овој случај, до денес нема излезено со никаква информација, а не пак со конкретен исход од пријавата.
Во контекст на најновите сознанија коишто Левица ги обзнанува, за внатрешни мрежи и „филтри“ во Антикорупциската комисија, сосема легитимно се поставува прашањето – дали доказите што ги достави Левица завршија во нечија фиока, дали „случајно“ се изгубени во архивата, или едноставно предметот се држи во мирување додека октоподската мрежа на ДПМНЕ ги штити своите функционери?
Фактот што и по изминат период нема никаква реакција од ДКСК, ниту објаснување до каде е постапката, само ја зацврстува сликата за институција која наместо да биде коректив на власта, функционира како нејзин штит. Кога станува збор за луѓе блиски до Мицкоски и до врвот на ДПМНЕ, предметите или се затвораат паушално, или се влечат со месеци, сè додека јавноста не биде заморена и темата не се заборави.
Ќе продолжиме јавно да инсистираме на одговори: што презеде Антикорупциската комисија по доставените докази за сериозна корупција, до каде е предметот за „Сити Аутсорсинг“ и Томовски, и зошто владее молк кога станува збор за милионски тендери и блиски соработници на премиерот?!“, соопшти Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ со честитка за Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, го честита Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, РС Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија!“, пишува во честитката.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“
Македонија
(Видео) Поплави во Струмичко: реката однесе повеќе од 100 јагниња и овци од штала во Костурино, поплавени и земјоделски површини
Надојдената вода од реката Тркања вчера однесе повеќе 100 јагниња и овци во селото Костурино, на локацијата позната како „Шепово“.
„Струмица денес“ во текот на вчерашниот ден објави дека земјоделците се по своите ниви и се обидуваат да спасат она што може да се спаси. На терен се повеќе багери кои помагаат.
Поради обилните врнежи од дожд, на подрачјето на Општина Струмица беа регистрирани нагли зголемувања на водостоите и излевања од коритата, што предизвика поплави на повеќе локации.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, информира дека ги посетил најкритичните точки на терен, меѓу кои и селото Муртино, како и други локации каде состојбата била најизразена.
Според неговите информации, уште од утринските часови механизацијата на ЈП Комуналец била ангажирана на терен, а во интервенциите била вклучена и дополнителна механизација од приватниот сектор.
Од општината додаваат дека се одржува постојан контакт со жителите на погодените подрачја и дека состојбата ќе продолжи будно да се следи, имајќи предвид дека, според најавите, дожд се очекува и во наредните часови и денови.

