Македонија
Филипче: Реформите за ЕУ се блокирани, загрижуваат антиевропските манири на власта
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во денешното обраќање во Собранието, на настанот „Анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ во 2025 година”, наведе неколку причини кои упатуваат на тоа дека, како што рече, власта има антиевропски манири, кои се загрижувачки и државата ја ставаат во фаза на стагнација и изолација.
„Влошувањето на односите со соседите не е во духот на пристапувањето кон Европа. Не може да се каже го решивме, го вративме старото име и да се влошуваат односите со соседна Грција, кога тоа не е така. Што е целта? Да се привлечат симпатии кај некои гласачи, коишто тоа навистина го очекуваа тоа врз основа на ветувањата на оваа власт во очи кампањата во 2024 година? Или континуираното влошување на односите со непримерни изјави со Бугарија? Не е тоа во духот на Европа“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче додаде дека не е во духот на Европа внесувањето на сомнителен капитал од Србија.
„Не го кажувам јас српскиот свет, го кажа Извештајот на Европскиот парламент. Не може да се дозволува без контрола да се носи капитал којшто бил одбиен од Европска унија. Се поставува прашањето зошто се отвораат врати на таков сомнителен капитал во земјава? Не може и не е во духот на европските манири да се носи резолуција во Собрането во која што се забранува слобода на говор, да внимава опозицијата што зборува“, рече Филипче.
Како што кажа Филипче, сериозно загрижуваат и изјавите од власта во однос на одлуката за електронската евиденција за влез во ЕУ, коишто го подгреваат антиевропскиот наратив.
„Од лани е таа одлука. Не може сега вие да кажете, Европа е крива. Не може се нас нешто учителката да не мрази.Ние знаеме што ќе биде, ама на нас е кај сакаме да бидеме и кон што сакаме да одиме и да се движиме. Нема префрлање на одговорностите. Власта значи пред сѐ одговорност. Се знае кои се обврските„, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче предупреди дека нема поместување ниту во доследно исполнување на реформската агенда.
„Повторно е тоа несработување на домашната задача. Еве два конкретни примери, за да знае јавноста дека не е проблем желбата и иницијативата од страна на опозицијата да се работи вистински на реформската агенда. Законот за енергетика, којшто зеднички го поднесовме со заеднички амандмани, за да во последен момент последниот амандман биде донесен спротивно на препораките на Европската Унија. Не може да гласаме за таков закон кој што треба да биде само про-форма дел од европската агенда или законот за Судски совет каде не се во целост имплементирани препораките од Оценската мисија. Не може да се маскираат работите“, рече Филипче, додавајќи дека граѓаните веќе стануваат сè посвесни за тоа што треба да се направи и како регионот оди напред.
Претседателот Филипче ги посочи последните податоци од истражувањето кои покажуваат дека кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се зголемува поддршката за пристапување во ЕУ.
„Еден многу добар податок што мислам дека значи многу, а тоа е тоа што гласачи на ВМРО-ДПМНЕ изминативе две години, и тоа е најсигнификантна разлика, имаат поддршка кон пристапувањето на земјава кон Европската Унија. Тоа е многу добар податок. Гледаме дека континуирано е тоа кај поддржувачите на СДСМ. Така да сметам дека тоа мора да се издвои. Лошата работа во тоа е што премиерот Мицкоски не е во тие луѓе.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.
Македонија
Гаши на средбата со амбасадорката на Кина: Тајван е недделив дел од кинеската територија
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Џијанг Шјаојан, амбасадорка на Кина во Македонија.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува искреното пријателство што постои меѓу двете држави во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува. Тој потенцираше дека иако двете држави се географски оддалечени, односите меѓу нив се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување. Република Северна Македонија континуирано го афирмира ставот за постоење на “една Кина”, како и ставот дека Владата на НР Кина е единствената легитимна Влада на кинескиот народ, а Тајван е недделив дел од кинеската територија.
Амбасадорката Шјаојан информираше за сите активности кои се преземени од страна на Народна Република Кина за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областите како што се образованието, културата, науката, здравството, медицината и др. Таа истакна дека за Кина нашата држава претставува крстосница на повеќе цивилизација, мост меѓу Истокот и Западат и значаен партнер во регионот.
Двајцата соговорници се согласија дека во иднина има уште многу нови можности за соработка особено во областа на дигитализацијата и вештачката интелигенција особено во време која Собранието на Република Северна Македонија сериозно работи на целосно дигитализирање на сите работни процеси во парламентот.

