Македонија
Мицкоски: Почната е постапката и обезбедено е финансирањето за 150 електрични автобуси
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз.
„Она кое што можеме ние како влада да го направиме е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде има организиран, којшто ќе биде еколошки. И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси коишто се на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво доби како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, потенцираше премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Биљана Кузмановска.
Премиерот Мицкоски појасни дека овие 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Град Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.
„Конкретно во Скопје во насока на намалување на аерозагадувањето, тука ќе го споменам и Градскиот воз чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата, и очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Ова се конкретни потези, сме ги лоцирале точките и работиме и ќе треба време. Процесот е почнат, обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада. Следи процедура и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно истакна дека оперативните трошоци ќе бидат драматично намалени, ефектот е повеќеслоен, позитивен за аерозагадувањето, односно нема да има, но исто така позитивен ќе биде во делот на одржување на истите.
фото/Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

