Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: ДПМНЕ со 2,2 милиони евра ја почестиле фирмата на синот на антикорупционерката Ристовска
Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска директно од партиската каса на ДПМНЕ инкасирала над 2.200.105 денари, тврдат од Левица.
„Левица вчера објави дека членката на ДКСК, Цвета Ристовска, свесно и намерно, иако законски била должна, од анкетниот лист ги изоставила фирмите на своите синови. Станува збор за две активни компании, БУСТ МЕДИА ДООЕЛ и БУСТ ДООЕЛ увоз-извоз, формално регистрирани за „маркетинг“. Тие во ниту еден момент НЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ во анкетниот лист на антикорупционерката Ристовска, документ кој треба да гарантира целосна транспарентност токму кај оние што одлучуваат за корупција, санкции и одговорност. Причината зошто овие фирми биле скриени од анкетниот лист станува повеќе од јасна кога ќе се погледнат финансиските текови. Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска директно од партиската каса на ДПМНЕ инкасирала над 2.200.105 денари“, велат од партијата.
Според Левица, сликата за оваа мрежа станува уште поалармантна ако се има предвид дека токму финансиските извештаи на политичките партии за изборните циклуси се доставуваат и до ДКСК, која треба да утврдува неправилности и сомнителни трансакции.
„Со други зборови, Цвета Ристовска, која претходно ги прикрила фирмите на своите синови, треба да проверува дали милионските приливи од партиската каса на ДПМНЕ кон фирма на нејзиното најблиско семејство се законски и коректни“, велат од Левица.
Оттука, додаваат од партијата, воопшто не треба да нè изненадува што истата таа Цвета Ристовска не се иззема ниту во постапката за одлучување по дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски, стекната на универзитет каде таа самата била ангажирана како предавач.
Македонија
Мицкоски со честитка до помалиот син: Понекогаш кога ви требам не сум тука, но честа да се бориме како семејство за Македонија нема димензија
„Среќен именден и роденден синко! Напомош нека е денешниот празник Св. Антониј Велики. Жалам што не бев присутен кај бато, на Св. Јован и што понекогаш кога ви требам не сум тука, но честа да се бориме како семејство за Македонија нема димензија“, напиша премиерот Христијан Мицкоски, во честитката до помалиот син, објавена на социјалните мрежи.
„Да бидете со бато секогаш сложни, здрави и среќни и тогаш знам дека сами ќе постигнете многу за семејството и за Македонија. Бог да ја благослови Македонија!“, посака Мицкоски.
Македонија
Општина Аеродром објави Јавен повик за граѓански организации – ReLOaD3
Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).
Програмата има цел да го зајакне партнерството меѓу општината и граѓанските организации преку транспарентна поддршка и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.
Приоритетни области за проекти:
Заштита на животната средина и климатски промени;
Социјална инклузија и поддршка на ранливи групи;
Млади и младинско учество во заедницата;
Креативни уметности и културен развој;
Повикот е отворен од 30.01.2026 до 27.02.2026
Исто така, ќе се одржат инфосесија, обука и менторска поддршка за сите заинтересирани организации.
Сите детали, услови и потребната документација може да ги најдете на следниов линк.
Општина Аеродром ги охрабрува сите заинтереси да аплицираат и заеднички да се придонесе за развојот на нашата заедницата.

