Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: ДПМНЕ со 2,2 милиони евра ја почестиле фирмата на синот на антикорупционерката Ристовска
Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска директно од партиската каса на ДПМНЕ инкасирала над 2.200.105 денари, тврдат од Левица.
„Левица вчера објави дека членката на ДКСК, Цвета Ристовска, свесно и намерно, иако законски била должна, од анкетниот лист ги изоставила фирмите на своите синови. Станува збор за две активни компании, БУСТ МЕДИА ДООЕЛ и БУСТ ДООЕЛ увоз-извоз, формално регистрирани за „маркетинг“. Тие во ниту еден момент НЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ во анкетниот лист на антикорупционерката Ристовска, документ кој треба да гарантира целосна транспарентност токму кај оние што одлучуваат за корупција, санкции и одговорност. Причината зошто овие фирми биле скриени од анкетниот лист станува повеќе од јасна кога ќе се погледнат финансиските текови. Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска директно од партиската каса на ДПМНЕ инкасирала над 2.200.105 денари“, велат од партијата.
Според Левица, сликата за оваа мрежа станува уште поалармантна ако се има предвид дека токму финансиските извештаи на политичките партии за изборните циклуси се доставуваат и до ДКСК, која треба да утврдува неправилности и сомнителни трансакции.
„Со други зборови, Цвета Ристовска, која претходно ги прикрила фирмите на своите синови, треба да проверува дали милионските приливи од партиската каса на ДПМНЕ кон фирма на нејзиното најблиско семејство се законски и коректни“, велат од Левица.
Оттука, додаваат од партијата, воопшто не треба да нè изненадува што истата таа Цвета Ристовска не се иззема ниту во постапката за одлучување по дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски, стекната на универзитет каде таа самата била ангажирана како предавач.
Македонија
Мицкоски со честитка до помалиот син: Понекогаш кога ви требам не сум тука, но честа да се бориме како семејство за Македонија нема димензија
„Среќен именден и роденден синко! Напомош нека е денешниот празник Св. Антониј Велики. Жалам што не бев присутен кај бато, на Св. Јован и што понекогаш кога ви требам не сум тука, но честа да се бориме како семејство за Македонија нема димензија“, напиша премиерот Христијан Мицкоски, во честитката до помалиот син, објавена на социјалните мрежи.
„Да бидете со бато секогаш сложни, здрави и среќни и тогаш знам дека сами ќе постигнете многу за семејството и за Македонија. Бог да ја благослови Македонија!“, посака Мицкоски.
Македонија
Општина Аеродром објави Јавен повик за граѓански организации – ReLOaD3
Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).
Програмата има цел да го зајакне партнерството меѓу општината и граѓанските организации преку транспарентна поддршка и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.
Приоритетни области за проекти:
Заштита на животната средина и климатски промени;
Социјална инклузија и поддршка на ранливи групи;
Млади и младинско учество во заедницата;
Креативни уметности и културен развој;
Повикот е отворен од 30.01.2026 до 27.02.2026
Исто така, ќе се одржат инфосесија, обука и менторска поддршка за сите заинтересирани организации.
Сите детали, услови и потребната документација може да ги најдете на следниов линк.
Општина Аеродром ги охрабрува сите заинтереси да аплицираат и заеднички да се придонесе за развојот на нашата заедницата.

