Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.
Македонија
Левица ќе поднесе интерпелација за антикорупционерката Цвета Ристовска
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави интерпелација за членката на Антикорупциската комисија (ДКСК), Цвета Ристовска. Интерпелацијата, како што велат од Левица, доаѓа по скандалите коишто деновиве ги изнесе на виделина партијата, но и низата скандали коишто ја пратат Ристовска веќе месеци наназад.
„Не знаеме кој по ред скандал е ова со членката на ДКСК, Цвета Ристовска“, рече Крмов и образложи дека во анкетниот лист што Ристовска го поднела во 2024 година при стапување на функција, не биле пријавени две фирми на нејзините деца, Буcт ДООЕЛ и Буcт Медиа ДООЕЛ. Според Крмов токму овие фирми за време на претседателската изборна кампања добиле околу 2,2 милиони денари од ВМРО-ДПМНЕ.
„Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја бранеше Ристовска дека наводно законот не ја обврзува бидејќи не живеела со децата“, рече Крмов и посочи дека ваквото објаснување е контрадикторно, бидејќи во анкетниот лист бил пријавен друг имот на нејзините синови, но не и фирмите што создава сомнеж дека токму тие биле свесно изоставени.
„Значи, или Ристовска не го познава законот или, децата фактички со неа. Таа е обврзана, но свесно ја испуштила таа фирма затоа што имаме директно конфликт на интереси, каде најголемата политичка партија, којашто е моментално на власт, фактички добила тендер за изборите“, кажа пратеникот.
Крмов потсети дека има и редица други примери во кои не се реагира или се заташкуваат на случаи на функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Меѓу нив посочи на случајот со директорот на СОЗР, Ивица Томовски, поврзан со фирмата „Сити Аутсорсинг“, а претходно „Сити Логистик“, основана од таткото на Томовски, која добила државни тендери во вредност од околу 5,3 милиони евра, а случајот, како што рече, е заташкан. Исто така, потсети и на случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски и сомнежите за неговата фалсификувана диплома и непоседување на невалиден ТОЕФЛ сертификат.
„Убаво го паметиме случајот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што излезе дека Ристовска била предавач на истиот факултет, на истиот приватен универзитет каде што тој наводно заврши, бидејќи имаше анонимна пријава дека му е фалсификувана. Прво беше дека не била предавач, па после била предавач, па после од истиот универзитет нејзината слика беше отстранувана, па потоа сликата беше враќана, па предметот за Христовски падна кај неа. Некако интересно е како предметите на високи функционери, блиски до ВМРО – ДПМНЕ, секогаш завршуваат баш кај Цвета Ристовска“, истакна Крмов.
Од Левица најавуваат дека интерпелација е веќе подготвена и ќе биде поднесена во наредните денови, со цел да се отвори институционална одговорност за работата на членката на Антикорупциската комисија и да се спречи натамошна партизација и селективна правда.
Македонија
Василевска и Вајц во Скопје: Дијалог за реформите и европската перспектива на земјата
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ и ЕУ, Иванка Василевска се сретна со известителот на Европскиот парламент за нашата држава, Томас Вајц, кој престојува во работна посета на Скопје.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби и динамиката на спроведување на реформската агенда, во контекст на европската интеграција. Во текот на разговорите беше даден осврт на клучните реформски приоритети, како и можностите за дополнително унапредување на реформските процеси во наредниот период.
Известителот на Европскиот парламент информираше за тековните и претстојните активности во рамки на подготовката на извештајот за земјата, вклучително и фазите на собирање информации, како и постапката за разгледување и усвојување на извештајот во надлежните тела на Европскиот парламент.
На средбата беше истакната важноста од одржување на континуиран дијалог и соработка со европските институции имајќи ја предвид европската перспектива на земјата.

