Македонија
Левица ќе иницира разрешување на Ристовска, имаат информации за понижување, викање и навреди во ДКСК
Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, очигледно одлучила сопствените нервози да ги истура врз вработените во институцијата која треба да биде бастион на интегритетот, велат од партијата Левица.
„До Левица пристигнуваат сериозни информации дека вработени во ДКСК се изложени на континуирано вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што создало атмосфера на страв и притисок. Според истите сознанија, ваквото однесување резултирало со иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска.
Јасно е дека антикорупционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да биде кредибилен борец против корупцијата. Институција задолжена да ја штити законитоста не смее да функционира како работна средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција.
Затоа, јавно ја повикуваме Цвета Ристовска да престане да ги истура своите фрустрации врз вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да постапат и да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во Антикорупциската комисија.
Антикорупциската комисија не смее да биде место каде се кршат основните права на вработените, додека истовремено се глумат морални арбитри за целото општество. Ако ваквото однесување се толерира, тогаш станува јасно зошто оваа институција веќе служи за заташкување на корупцијата, а не за нејзино санкционирање“, соопштија од Левица.
Партијата, имајќи ги предвид сите досегашни информации, ќе иницира постапка за разрешување на антикорупционеркста Ристовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

