Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мајката на Даниел Кајмакоски по киднапирањето: „Во шок сум, важно е што е жив“
Синоќа во Белград, во близина на „Бетон хала“, пејачот Даниел Кајмакоски бил киднапиран, а според првичните информации, двајца странски државјани му пришле со оружје. По повод настанот се огласи и неговата мајка, Ружа Кајмакоска, која е сè уште во шок од случката.
„Фала што прашавте. Се слушнавме. Најважно е што е жив, а дали е добро – рано е да се каже“, изјави таа, додавајќи дека целото семејство доживеало голем стрес, јавува „Блиц“.
„Во вакви ситуации човек најмногу стравува за своите деца. Во шок сум“, рече Ружа.
Како што објави „Блиц“, сè се случило кога Даниел излегол од локалот во кој настапувал вечерта. Тогаш му пришле двајца мажи – се претпоставува странски државјани – вооружени со нож и пиштол. Го натерале да влезе во автомобил и го врзале.
Постои и видео-снимка. Бидејќи за време на викендите во Белград има засилени контроли, полицијата во рутинска проверка му дала знак на возилото да застане, но киднаперите продолжиле.
Во исто време, пријател на пејачот го пријавил киднапирањето во полиција. Кај исклучувањето за Рума, возилото удрило во заштитна ограда, по што напаѓачите се дале во бегство. Кајмакоски бил пронајден врзан во автомобилот.
Според пишувањата на српските медиуми, киднаперите планирале да стапат во контакт со семејството и да побараат откуп. Потрагата по нив сè уште е во тек.
Македонија
(Видео) Српски „Телеграф“ објави снимка од возилото со кое бил киднапиран Кајмакоски: „Напаѓачите се во бегство, пејачот пронајден“
Сите елитни единици на српското Министерство за внатрешни работи – УКП, САЈ и Жандармеријата – учествувале во драматичната акција за спасување на познатиот пејач Даниел Кајмакоски (43), кој синоќа бил киднапиран во Белград, јави српски „Телеграф“.
Сè започнало со полициска рација на улицата Караѓорѓева, кога возач на бел „Волво XC60“ не застанал на наредбата од полицијата и започнал бегство во правец кон Бранков мост. Брзо било утврдено дека се работи за киднапирање на познатиот пејач.
View this post on Instagram
При обидот да го запрат возилото, напаѓачите ја пробиле полициската блокада и започнала потера низ градот, движејќи се кон Палата Србија, Арената, па потоа кон автопатот во насока на Шид.
„Во текот на потерата, напаѓачите со пиштол му се заканувале на Кајмакоски и побарале 20.000 евра за неговиот живот. Дополнително се заканиле дека нивни соучесници, кои наводно го надгледуваат неговиот дом, ќе ѝ наштетат на неговата сопруга и деца“, пишува „Телеграф“.
По поминувањето на патарината Шимановци, возачот направил грешка под притисокот од полицијата и кај исклучувањето за Рума удрил во заштитна ограда. Двајца вооружени напаѓачи побегнале во темнината, додека полицијата во возилото го пронашла врзаниот Даниел Кајмакоски.
Теренот околу Рума моментално е под целосна блокада. Специјалците од САЈ и Жандармеријата користат службени кучиња и најсовремена термовизиска опрема во потрагата по бегалците, кои, според исказот на жртвата, комуницирале на турски јазик.
Вишото јавно обвинителство го квалификувало случајот како киднапирање, пишува „Телеграф“.
Македонија
СДСМ бара одговори: Како пет тони дрога ја поминаа границата без да се забележи
По случајот со заплената на 5 тони дрога во Србија, за која постојат индиции дека потекнува од Македонија, СДСМ повикува на одговорност од институциите и посочува на можен организиран криминал со политичка поддршка.
„Цела недела помина без одговор: како е можно 5 тони дрога да ја поминат македонската граница без никој да одговара?“, прашуваат од СДСМ во денешното соопштение, посочувајќи дека ваков криминал не може да се одвива без логистика, поддршка и заштита од структури на власта.
Од партијата потсетуваат дека на граничните премини постојат камери од проектот „Сејф сити“, скенери, мобилни царински служби и други форми на контрола, што, според нив, ја прави невозможна ваква пратка да помине незабележано.
СДСМ истакнува дека случајот во Србија, според информации во медиумите, е поврзан со владејачката партија СНС – сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, како и со државни функционери.
„Ова е организиран криминал со политичка заштита. Кој во врвот на власта, во МВР, Царината и другите надлежни институции е соучесник?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинуваат и за дефокус: „Наместо одговори, гледаме обиди на власта за дефокус преку медиумски кампањи, со цел политичка злоупотреба и напади врз СДСМ.“
СДСМ порачува дека „картелскиот скандал води до врвот на власта“ и дека мора да има одговорност.

