Свет
(Видео) Трамп: Воведов царини на Швајцарија затоа што не ми се допаѓаше тонот на премиерката
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера во интервју со Лари Кудлоу објасни зошто вовел царини на Швајцарија, откривајќи дека ги зголемил дополнително затоа што не му се допаѓал тонот со кој му се обратил швајцарски функционер.
За време на гостувањето во Fox Business, Трамп објасни дека имал инцидент со Швајцарија, која ја опиша како „многу убава земја“, затоа што не плаќала царини и испраќала стока во САД во неверојатни количини. Поради ова, тврди претседателот, САД имале дефицит од 42 милијарди долари. „Реков, мора да направиме нешто бидејќи мора малку да го избалансираме тоа“, рече Трамп, додавајќи дека вовел царина од 30 проценти, која ја смета за многу ниска.
„Добив итен повик од, верувам, премиерката на Швајцарија. Беше многу агресивна, фина ама агресивна. ‘Господине, ние сме мала земја, ние не го можеме ова’. Неможев да ја тргнам од телефонот“, рече Трамп.
Швајцарија, сепак, нема премиер, туку е управувана од седумчлен Федерален совет. Трамп објасни дека телефонскиот разговор со Карин Келер-Сутер, претседателката на Швајцарскиот федерален совет за 2025 година, станал напнат. „Не ми се допадна начинот на кој таа разговараше со нас, па наместо да ги намалам царините, ги зголемив на 39 проценти“, рече тој.
🚨BREAKING: Switzerland CAVED to Trump’s tariffs instantly:
“So I put on a 30% tariff, which is very low. I got an emergency call from I believe the prime minister of Switzerland. She was very aggressive … I didn’t really like the way she talked to us, so instead of giving her… pic.twitter.com/iWuuM9RCM9
— Morse Report (@MorseReport) February 11, 2026
Исечок од интервјуто стана вирален на социјалните медиуми, а корисниците му се потсмеваа на претседателот за она што го нарекоа нарушено его. „Се надевам дека Врховниот суд слуша“, напиша едно лице. „Тој користи царини за да ги малтретира другите земји“.
Друго лице вели дека признанието на Трамп всушност е доказ дека зад неговите царински политики нема план или стратегија. „Тие само зависат од неговиот каприц“, напишаа тие.
Трет корисник се согласи: „Ова е тарифна политика водена од емоции и его, каде што земјата е посилно погодена само затоа што не му се допаднал тонот на телефонскиот повик. Слушајќи го Доналд Трамп како лежерно го објаснува тоа, звучи помалку како стратегија, а повеќе како импулс.“
Минатиот месец, Трамп објави дека се согласил да ја намали тарифната стапка од 39 проценти на 15 проценти поради притисок од швајцарските компании, но предупреди дека таа може повторно да се зголеми. „Ја намалив затоа што не сакам да ги повредувам луѓето. Не сакам да ги повредувам. И ја намаливме, тоа не значи дека нема повторно да се зголеми“, рече Трамп на Светскиот економски форум во Давос.
Келер-Сатер се соочи со критики во Швајцарија за начинот на кој го водеше разговорот што го спомена Трамп, при што претседателот рече дека „не сакала да ги слуша“ неговите загрижености за дефицитот на САД.
Преговарачите на САД и Швајцарија постигнаа прелиминарен договор во ноември за намалување на царинската стапка на 15 проценти, при што швајцарската индустрија вети дека ќе инвестира 200 милијарди долари во САД до крајот на 2028 година.
Швајцарските компании го поздравија намалувањето на царината, велејќи дека тоа ги става на еднакви услови со конкурентите во Европската Унија. Се очекува двете земји да го финализираат договорот во разговорите што се надеваат дека ќе ги завршат до крајот на првиот квартал од 2026 година.
фото/Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Фајненшл тајмс“ тврди дека Зеленски има план за изборите, стигна реакција од Кремљ
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се осврна на извештајот на „Фајненшел тајмс“ според кој украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 февруари има намера да претстави план за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија. Песков порача дека за тоа „е прерано да се зборува“, пишува „Украинска правда“.
„Гледаме дека во медиумите се појавуваат контрадикторни информации. Еден извор тврдеше дека почнале подготовки за избори, додека друг извор од администрацијата, од канцеларијата на киевскиот режим, тоа го демантираше“, изјави Песков.
Портпаролот на Кремљ додаде дека ваквите информации треба внимателно да се следат и да се земат предвид.
„Но, сепак треба да се водиме од релевантни извори“, заклучи тој.
„Фајненшел тајмс“ претходно, повикувајќи се на свои извори, објави дека претседателот Зеленски на 24 февруари ќе претстави план за претседателски избори, заедно со референдум за мировен договор со Русија. Канцеларијата на претседателот на Украина сè уште официјално не се огласила за овој извештај.
Недамнешните истражувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Украинци се против одржување избори пред завршување на непријателствата. Поголемиот дел, исто така, ги отфрлаат предлозите за предавање на целиот регион Донбас под руска контрола во замена за безбедносни гаранции од САД и Европа.
Сепак, 55 отсто од Украинците поддржуваат одржување референдум за мировен договор за завршување на војната со Русија, додека 32 отсто се против. Во меѓувреме, украинската организација „Граѓанска мрежа ОПОРА“ потсети дека важечкиот закон забранува референдуми за време на вонредна состојба.
Тие истакнуваат дека во такви услови е невозможно да се обезбеди учество на милиони Украинци во странство и на воениот персонал, да се ублажат безбедносните закани и кампањите за дезинформации, како и целосно да се обнови оштетената изборна инфраструктура. Дури и ако непријателствата престанат, подготовката за ваков референдум би барала значително време и сложени реформи.
Свет
(Видео) Се појави синот на Рамзан Кадиров по првпат по тешката сообраќајка
Адам Кадиров, синот на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, првпат се појави во јавноста откако се појави информацијата дека е вмешан во сообраќајна несреќа.
Кадиров објави видео на својот Телеграм-канал. Како што наведува независниот руски медиум Агентство, Адам изгледа значително послаб отколку кога последен пат бил виден во средината на јануари. На снимката се гледа Кадиров како вечера со својот помошник Висмурад Алиев. Адам влегува во просторијата, а Кадиров го нарекува „воскреснат“ на руски јазик, по што разговорот продолжува на чеченски.
🇷🇺
Ramzan Kadyrov posted a video with his son Adam, calling him “resurrected”.Kadyrov called the information about a traffic accident involving his son Adam disinformation. pic.twitter.com/md7IpYNYJf
— Sprinter Press (@SprinterPress) February 10, 2026
Руски и чеченски опозициски медиуми на 16 јануари известија дека Адам Кадиров бил хоспитализиран во Грозни по сообраќајна несреќа. Утрото на 17 јануари, неколку руски опозициски медиуми, повикувајќи се на податоци од FlightRadar, известија дека медицински авион на руското Министерство за вонредни ситуации, во кој веројатно се наоѓал Адам Кадиров, слетал на московскиот аеродром Внуково во текот на ноќта. Авионот на Рамзан Кадиров слетал набргу потоа.
Радио Слободна Европа (RFE/RL) подоцна објави дека Адам Кадиров повторно е свесен и дека неговата состојба „не предизвикува загриженост кај лекарите“.
Свет
Аеродром во САД затворен од безбедносни причини
Меѓународниот аеродром Ел Пасо во Тексас доби наредба во наредните 10 дена да ги прекине сите летови поради „посебни безбедносни причини“, стои во известувањето за воздухопловци (NOTAM) издадено од американската Федерална управа за авијација (FAA), пишува Скај Њуз.
Во известувањето воздушниот простор околу аеродромот е означен како „национален одбранбен воздушен простор“, а се наведува дека пилотите кои ќе ги прекршат правилата „можат да бидат пресретнати, задржани и испрашувани од органите на редот“. Се предупредува и дека американската влада може да употреби „смртоносна сила“ против летала за кои ќе процени дека претставуваат „непосредна безбедносна закана“.
Ограничувањето се однесува на сите летови кон и од аеродромот, се применува до висина од 5.500 метри (18.000 стапки) и останува во сила до 21 февруари во 6:30 часот по координирано светско време (UTC).
Зоната на забрана за летање, со центар во аеродромот, има радиус од 10 наутички милји (околу 18,5 километри) и го опфаќа и блискиот воен аеродром Бигс. „Ниту еден пилот не смее да управува со летало во подрачјата опфатени со овој NOTAM“, изрично се наведува.
Меѓународниот аеродром Ел Пасо е оддалечен околу шест километри од мексиканската граница, но наредбата не се однесува на мексиканскиот воздушен простор. Во текот на 2024 година низ овој аеродром поминале повеќе од четири милиони патници.

