Македонија
ДОМ: Стагнацијата во борбата против корупцијата е директна закана за демократијата и иднината на државата
Демократска Обнова на Македонија (ДОМ) со загриженост ги следи податоците објавени од страна на „Транспаренси Интернешанл“ за перцепцијата на корупцијата во 2025 година, според кои Македонија е рангирана на 84-то место од 180 земји.
Со скоро идентични поени како и минатата година овој извештај покажува дека нема суштински напредок во справувањето со овој децениски проблем во нашата земја, велат од ДОМ.
„Корупцијата продолжува да биде системски предизвик за нашето општество кој ја поткопува правната држава, економскиот развој и довербата на граѓаните во институциите.
Стагнацијата во реформите, недоволното спроведување на законите, слабата отчетност на функционерите, а особено и недоволно транспарентната процедура на измените на Кривичниот законик ја оставаат нашата земја заглавена во површни резултати и покрај тоа што транспарентноста и отчетноста треба да бидат темел на една модерна демократска држава.
Потсетуваме на нашите јасни позиции од изминатиот период дека борбата против корупцијата мора да биде врвен приоритет, а не само декларативна заложба. Тоа значи:
🔹 Воведување строги и јасни механизми за проверка на интегритетот на јавните службеници и функционери, вклучително автоматско објавување на имотните листи, судири на интереси и обврска за суспензија при основано обвинение.
🔹 Формирање на независен антикорупциски инспекторат со реални институционални овластувања и санкции.
🔹 Јавно достапни истраги и пресуди за случаи на висока корупција кои ќе бидат без политички притисоци и без селективни практики.
🔹 Реформи во судството и обвинителството кои ќе овозможат целосно и професионално спроведување на законот.
ДОМ оценува дека без суштински реформи, транспарентност и отчетност, Македонија ризикува уште повеќе да се продлабочи недовербата на граѓаните во институциите и државата воопшто, особено на младите кои веќе масовно ја напуштаат државата поради недостаток на перспектива.
Корупцијата не смее да се релативизира туку треба да се препознае како сериозна општествена болест која ја загрозува довербата, слободата и иднината на граѓаните. Во пресрет на ваквите предизвици ДОМ ги повикува сите политички субјекти, здруженија и граѓани на заедничка, принципиелна и ефикасна борба против корупцијата, со конкретни промени кои ќе донесат видливи резултати наспроти декларативните заложби кои постојано ги слушаме од сите владејачки гарнитури“, се наведува во соопштението на ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски од Париз: Активна поддршка за извозот на македонското вино на европските и светските пазари
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, а во присуство на македонскиот амбасадор во Франција, Игор Николов и претставници на домашните винарии, вчера во Париз се обрати на настан посветен на промоцијата на македонските вина на меѓународната сцена.
Настанот беше организиран во рамки на работната посета на Париз, со поддршка на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како дел од активностите за унапредување на економската дипломатија и зголемување на извозните можности на државата.
Пред бројни гости од дипломатскиот кор, културниот и јавниот живот, политиката и француската винска индустрија, беше истакнат квалитетот, традицијата и конкурентноста на македонските вина на европските и светските пазари.
Министерот Муцунски нагласи дека македонското вино претставува еден од најпрепознатливите извозни производи на државата и значаен сегмент на економската соработка, посочувајќи дека Министерството ќе продолжи со активна и стратешка поддршка на домашните производители, со цел натамошно јакнење на нивната меѓународна позиција и отворање нови пазарни можности.
Македонија
(Видео) СДСМ: Единаесет дена нема одговор како пет тони дрога поминале граница
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека 11 дена нема одговор од институциите за тоа како пет тони дрога вредни околу 40 милиони евра ја поминале македонската граница и завршиле во Србија.
„Единаесет дена јавноста чека одговор. Единаесет дена власта молчи. Како 5 тони дрога, по некои проценки вредни околу 40 милиони евра, ја поминале македонската граница и завршиле во Србија? Кој ќе одговара?“, праша Кузеска.
Таа оцени дека молкот не е случаен и дека, според неа, станува збор за скандал кој „води кон врвот на власта“, обвинувајќи дека некој се обидува да го заташка случајот.
Според Кузеска, наместо одговори, јавноста гледа „дефокус“ и „медиумска магла“, додека премиерот Христијан Мицкоски, кој го нарече македонскиот Мадуро, во јавноста лицитира со количини од 25, 40, па и 100 тони.
Портпаролката на СДСМ постави прашања дали фирмите поврзани со случајот биле нелегални и зошто, доколку е така, не била направена навремена контрола, како и дали државата ги субвенционирала и дали постои ризик од евентуални отштети.
Македонија
Левица: Законот за вработување на најдобрите лекари влегува во сила
На денешната пленарна седница, со поддршка од сите парламентарни партии, се усвои предлог-законот на Левица за укинување на дискреционото право на директорите при вработување.
Од партијата велат дека Законот претставува чекор кон конечно развивање дијалог кога се работи за закони кои се од општо добро за сите граѓани.
„Со измените на Законот за здравствена заштита се укина дискреционото право на директорите на здравствените установи да одлучуваат кои кандидати ќе бидат вработени и наместо тоа со новата законска обврска ќе бидат избрани најдобрите кандидати“, наведува Левица.

Се додава дека подобро и прогресивно општество се гради само преку вреднување на трудот на најквалитетните умови, а со усвоениот закон на Левица се трасира патот во таа насока.

