Свет
Светот влегува во нова ера, рече Рубио во пресрет на неговото патување во Европа
Американскиот државен секретар, Марко Рубио изјави дека светот влегол во „нова ера“, во пресрет на неговото патување во Европа, каде ќе одржи клучен говор на Минхенската безбедносна конференција. Тој ќе ја предводи американската делегација на првиот голем глобален собир по заканата на претседателот Доналд Трамп за анексија на Гренланд, што беше протолкувано како закана за данскиот суверенитет, објави Би-Би-Си.
Додека светските лидери се собираат во Минхен, францускиот претседател Емануел Макрон повтори дека Европа мора да се подготви за независност од САД, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте истакна дека трансатлантските врски се цврсти и значајни како и секогаш. Темите на конференцијата што штотуку започна вклучуваат: војната во Украина, тензиите со Кина и потенцијален нуклеарен договор меѓу Иран и САД.
„Светот се менува пред наши очи, и тоа многу брзо“, рече Рубио одговарајќи на прашањето дали неговата порака кон Европејците ќе биде помирлива од лани. „Живееме во нова ера на геополитика, што од сите нас ќе бара да преиспитаме како изгледа тоа и каква ќе биде нашата улога.“
Минатата година, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс остро ја нападна Европа – вклучително и Велика Британија – поради политиките за слобода на говор и имиграција, што предизвика година на незапаметени трансатлантски тензии.
Околу 50 светски лидери се очекува да присуствуваат на конференцијата, каде ќе се разговара за европската одбрана и иднината на трансатлантските односи, во време кога американската посветеност кон НАТО е доведена во прашање.
Тензиите растат, особено откако Трамп повеќепати изјави дека Гренланд е клучен за националната безбедност на САД, тврдејќи дека е „преплавен со руски и кинески бродови“. Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека планира да се сретне со Рубио за да разговараат за американските закани за преземање на данска територија.
Многу европски лидери сметаат дека овие закани се пресвртна точка што го нарушила довербата во најголемиот сојузник.
Во пресрет на конференцијата, осум поранешни американски амбасадори во НАТО и осум поранешни американски генерали во Европа објавија отворено писмо, со кое го повикуваат Вашингтон да ја задржи својата поддршка за западниот одбранбен сојуз.
„НАТО не е добротворна организација“, се вели во писмото, туку „мултипликатор на моќта“ кој ѝ овозможил на Америка да го проектира својот влијание и моќ, на начин кој самостојно би бил невозможен или прескап.
Трансатлантските односи се под зголемен притисок и поради новите царини воведени од републиканскиот претседател и навестувањата во американската стратегија за национална безбедност дека европските земји можеби повеќе нема да бидат доверливи сојузници.
Холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вел за Би-Би-Си изјави дека ја препознава промената на светот и се надева дека трансатлантската врска ќе остане цврста. Тој додаде дека Холандија поднесува голема жртва за зголемување на трошоците за одбрана, но дека ќе треба време пред Европа да може целосно да ја преземе улогата од Американците.
Холандија беше меѓу НАТО-сојузниците кои минатата година, по повеќемесечен притисок од Трамп, се согласија да го зголемат буџетот за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.
Очекувањата се дека Рубио ќе избегне остар тон како минатата година, но, на прашањето дали ќе биде попомирлив, тој одговори:
„Европејците сакаат да знаат каде одиме, каде сакаме да одиме, и дали сакаме да одиме заедно со нив.“
Неколку часа пред да ја отвори конференцијата германскиот канцелар Фридрих Мерц, министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул за германската јавна телевизија изјави дека целта е заеднички да се дефинира што го држи НАТО заедно и да се покаже дека и САД има потреба од Европа.
Макрон исто така ќе се обрати на конференцијата во петок, откако минатиот месец во Давос порача дека сега „не е време за нов империјализам или нов колонијализам“.
Британскиот лидер Сер Кир Стармер исто така патува во Минхен по бурна недела во внатрешната политика, каде ќе се сретне со Мерц и Макрон, а потоа ќе им се обрати на учесниците на конференцијата.
По пристигнувањето во Минхен, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека конференцијата ќе донесе „нови чекори за заедничка безбедност – за Украина и за цела Европа“.
Руските медиуми денес го цитираа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој изјавил дека наредната рунда преговори меѓу Русија, Украина и САД, фокусирана на завршување на војната, ќе се одржи во Женева на 17 и 18 февруари. Киев и Вашингтон сè уште не ги коментирале тие наводи.
Трите земји неодамна одржаа разговори и во Абу Даби, но без видлив напредок, иако по преговорите следуваше ретка размена на воени заробеници меѓу Украина и Русија, со посредство на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

