Македонија
Финансиска помош за 125 граѓани од Општина Центар со здравствени проблеми и тешка материјална положба, исплатата почнува месецов
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одобри финансиска поддршка за 125 граѓани кои се соочуваат со нарушена здравствена состојба или тешка материјална положба.
Станува збор за баратели кои поднеле барања во периодот од јули 2025 година до 31 декември 2025 година, а исплатата ќе започне во текот на месецов.
Еднократната финансиска помош е наменета за покривање на трошоци поврзани со лекување, нега и секојдневна поддршка. Висината на помошта се утврдува според индивидуалните потреби, а износите се движат од 3.000 до 25.000 денари.
За остварување на правото на финансиска поддршка, потребно е доставување на документи со кои се докажува здравствената или финансиската состојба, како што се потврда за невработеност од Агенцијата за вработување, потврда од Управата за јавни приходи, медицинска документација или друг соодветен доказ.
„Секој наш сограѓанин е важен. Заедно градиме општество на еднакви можности. Оваа финансиска помош е наменета за оние на кои им е најпотребна, за лекување, нега и поддршка во секојдневниот живот“, истакна Герасимовски.
Мерката ќе продолжи и оваа година, со цел да се помогне на жителите на Општина Центар што се соочуваат со здравствени и материјални потешкотии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

