Македонија
Алкалоид на форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“: Патот кон европските пазари го изградивме сами, чекор по чекор, со квалитет, стандарди и визија насочена надвор од границите
Бизнис-клубот „Европа“, како советодавно тело на Стопанската комора на Македонија, во Виница го организираше форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“. На панелот насловен „Единствениот пазар на ЕУ: колку е подготвена македонската економија?“ учествуваше и генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Посочувајќи ја фармацијата како една од најрегулираните индустрии во светот, во која успехот се темели на доверба, квалитет и строга усогласеност со меѓународните стандарди, Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ расте и се развива во таква комплексна средина, останувајќи доследен на своето мото Здравјето пред сè. Од 53 милиони евра продажби во 2005 година, денес компанијата достигнува 339 милиони евра консолидирани продажби, од кои 220 милиони евра се извоз. Со повеќе од 3000 вработени и со присуство на повеќе од 50 пазари, преку своите 27 подружници низ светот „Алкалоид“ прерасна во значаен регионален фармацевтски производител.
Клучна пресвртница во деветдеценискиот развој на компанијата беше визијата од 1994 година за изградба на современи производствени капацитети и за воведување високи стандарди на корпоративно управување. Влезот на пазарот на ЕУ во 2007 година со GMP-верификација и со првата дозвола за лек го отвори патот до повеќе од 1000 одобренија за производи во Унијата.

„Иако како компанија од земја надвор од ЕУ се соочуваме со подолги регулаторни процедури и ограничен пристап до финансиска поддршка, континуирано инвестираме во технологија, знаење и квалитет. Нашиот раст е резултат на стратегијата, истрајноста и визијата насочена надвор од границите. Тој пат не беше однапред трасиран, туку го изградивме сами, чекор по чекор, со посветеност, дисциплина и доследна примена на највисоките стандарди во работењето“, истакна Мукаетов во своето обраќање.
На панелот учествуваа и Глигор Цветанов од „Макпрогрес“ Виница, кој е претседател на Бизнис-клубот „Европа“; Мариa Канелопулу, прв советник и раководител на Секторот за економски прашања, градење институции и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, и Драган Тилев, државен советник за европски прашања.

Бизнис-клубот „Европа“ е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески, како платформа за дијалог меѓу бизнис-заедницата, академијата, носителите на евроинтегративните процеси и европските дипломатски претставници. Во фокусот се прашањата поврзани со ЕУ, интеграцијата на македонската економија во европските текови и со креирањето политики спрема ЕУ од бизнис-перспектива.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

