Македонија
Стаменкоска – Трајкоска даде отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денес го презентираше отчетот за сработеното во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Под слоганот „100 дена, 100 дела“, таа истакна дека општината работи со несмалено темпо, ставајќи го фокусот на резултатите.
„Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силната поддршка од Владата. Тоа се заеднички инвестиции со една единствена цел: подобар, побезбеден и пофункционален живот за сите“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Како потврда на оваа динамика, градоначалничката посочи дека развојот се мери со видливи чекори и дека се реконструирани клучни сообраќајници, меѓу кои „Ѓорѓи Димитров“, „527“, а при крај се и зафатите на улиците „Жил Верн“ и „Саса“ со нејзините краци.
Паралелно, додаде таа, се гради фекална канализација во Бабин Дол, а во завршна фаза е изградбата на атмосферска мрежа на ул. „Томе Арсовски“. Во моментот трае изградбата на два паркинга, како и на две од предвидените 10 детски катчиња, едното во село Драчево, другото во Дупки.
Градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска посочи дека Кисела Вода воведе нови стандарди во комуналната хигиена.
„За првпат, поставени се 15 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, а во фаза на изработка се уште 15 за пред училиштата. Првиот тон текстилен отпад е веќе складиран. Во рамки на бројните еколошките акции, исчистени се 27 диви депонии, а преку договорената соработка со ЈП Национални шуми, најавено е засадување на 3.000 нови садници“, рече таа.
Во делот на општествениот живот, како историски успех Стаменкоска – Трајкоска го издвои отворањето на кино во село Драчево, прво кино во село после времето на Југославија.
За најмладите, рече таа, приоритет останува целосното укинување на листите на чекање во градинките.
„На прагот сме да отвориме две нови градинки во „11 Октомври Згради“ и „Подстаница“, а во полн ек е изградбата на објектот во „Расадник““, информираше градоначалничката.
Истовремено, додаде Стаменкоска – Трајкоска со владина поддршка се вршат доградби во училиштата „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и изградба на ново училиште во селото Драчево. Се инвеестира и во спортската инфраструктура преку изградба на сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски Питу“, како и во целосната реконструкција на култната сала „Расадник“ преку соработката на Министерството за спорт и општината.
„Покрај изградбата на спортски сали, силен акцент ставивме на едукацијата и инклузијата: наставниците по физичко поминаа специјализирани обуки за работа со деца со попреченост. Дополнително, обезбедивме бесплатни часови по шах за младите, а со оглед на тоа што шахот е воведен како изборен предмет, спроведовме и соодветна стручна обука за наставниот кадар. За прв пат ја воведовме манифестацијата Спортист на годината која планираме да прерасне во традиција“, посочи градоначалниката.
Во делот на социјалната заштита и грижата за најранливите, општината ја прошири мрежата за поддршка со отворање на нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево. Истовремено, во завршна фаза е едукативно-терапевтскиот центар во Црниче, кој ќе биде од клучно значење за децата со дислексија, дисграфија и дискалкулија.
„Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Нашата крајна цел е целосна реализација на ветената програма. Ова беа само 100 дена. Ова се само 100 дела од бројните кои следат. Продолжуваме понатаму, заедно. Кисела Вода продолжува да биде општина што работи за вас“, порача градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

