Македонија
Мојсоска: Кој не ги виде машините во изворот што ја снабдува Струга со вода?
Кои институции ’не го виделе’ копањето и машините во самиот извор кој ја снабдува цела општина Струга со вода, прашува пратеничката од Левица, Јована Мојсоска преку социјалните мрежи, посочувајќи дека според член 100 од Закон за минерални суровини јасно е утврдено кој е одговорен за надзорот над експлоатацијата на минерални суровини.
Во објавата таа ги посочува Државениот инспекторат при Министерство за животна средина и просторно планирање, инспекциските служби во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и ОЈО Струга.
„Ниту обвинителите во Струга, ниту МВР ’не знаеле’ и ’не виделе’ дека машини се поставени во самите извори, во населено место и дека копаат без концесија/ со истечена концесија (според официјалните информации од ОЈО Струга). Улогата на обвинителството и МВР е превентивна (а не откако ќе се случи екоцид) – ама вработувањето на клатоглавци го зема својот данок“, пишува Мојсоска.
Дополнително Мојсоска поставува прашање во врска со постапувањето на терен. Таа посочува дека ОЈО Струга официјално известило дека „додека на терен собирале докази, ги затекнале машините на двете фирми кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите”. Во таа насока прашува зошто не се одземени машините од фирмите со кои се фатени во вршење кривично дело, како што предвидува член 100 од Закон за минерални суровини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

