Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По речиси една година од пожарот во „Пулс“, семејствата ќе ги добијат личните предмети на настраданите – телефони, обувки, накит
Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека, во врска со трагичниот настан – пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, од денеска, 2 март 2026 година, почнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица кои биле присутни за време на настанот, дека во периодот од 2 до 6 март 2026 година, во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12.
Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот и им припаѓаат на повредените и на починатите лица. Меѓу предметите што ќе се враќаат се: мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, нагласуваат од ОВР Кочани.
Фото: ЕПА
Македонија
Левица поднесе кривична пријава против поранешната антикорупционерка Цвета Ристовска
Левица поднесе кривична пријава против поранешната членка на Антикорупциска комисија Цвета Ристовка поради сторено кривично дело Противправно стекнување и прикривање на имот, соопштија од партијата.
„Имено, Цвета Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството – иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство. Јасно е дека се работи за свесно и намерно прикривање на имот, ако се има предвид фактот дека компаниите кои не ги пријавила Ристовска добиле 2 милиони денари од касата на ДПМНЕ, очигледно како награда за непостапувањето на Ристовска против нивните функционери“, велат од Левица.
Според партијата, оваа теза дополнително ја потврдува фактот што поранешната антикорупционерка го пријавила останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но, како што велат од Левица, свесно и намерно, ја изоставила фирмата која постои уште од 2020 година.
„Цвета Ристовска стана симбол на корупција во институцијата која треба да се бори против високата корупција. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше два високи функционери од партијата на власт – Бојан Христовски и Ивица Томовски. Само оставка од позицијата антикорупционер не е доволна. За свесното прикривање имот одговорност за Цвета Ристовска мора да има. Ревизија на сите предмети кои ги работела компромитираната антикорупционерка мора да има за да се стави крај на штитењето на корупцијата на највисоките ешалони на власта“, велат од Левица.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos

