Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.

