Свет
Иран тврди дека е погоден нуклеарниот полигон во Натанц, ИАЕА вели дека нема докази за штета
Иранскиот нуклеарен полигон во Натанц бил погоден за време на американските и израелските воени операции против Исламската Република, изјави иранскиот амбасадор при Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Реза Наџафи.
„Вчера повторно беа нападнати ирански мирни, заштитени нуклеарни постројувања“, изјавил Наџафи на состанок на Управниот одбор на ИАЕА. На прашање на Ројтерс кое постројување било погодено, тој одговорил: „Натанц“.
Од друга страна, генералниот директор на ИАЕА, Рафаел Гроси, изјавил дека агенцијата засега нема никакви назнаки дека е оштетено или погодено нуклеарно постројување.
„Немаме никаква назнака дека некое нуклеарно постројување оштетено или погодено“, рекол Гроси во обраќањето пред Управниот одбор, додавајќи дека обидите за воспоставување контакт со иранските нуклеарни регулаторни власти продолжуваат, но засега без одговор.
ИАЕА со месеци бара од Иран да ја информира за судбината на 440 килограми збогатен ураниум по претходните напади, како и да дозволи целосно продолжување на инспекциите во клучните постројувања, меѓу кои Натанц, Фордо и Исфахан.
Гроси оцени дека ситуацијата на Блискиот Исток е многу загрижувачка и повика на максимална воздржаност за да се избегне понатамошна ескалација.
Фото: Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Не сме во војна, порача Лондон по нападот врз базата на Кипар
Британската влада соопшти дека Обединетото Кралство не е во војна, и покрај нападот со дрон од иранско производство врз базата на Кралското воено воздухопловство (РАФ), Акротири, на Кипар.
Според британските власти, дронот ја погодил пистата доцна во неделата. Нема повредени, а штетата е оценета како минимална. Подоцна биле пресретнати уште два дрона насочени кон островот.
Министерот за Блискиот Исток Хамиш Фалконер изјави дека Иран не смее да располага со балистички ракети насочени кон регионот и повика на дипломатско решение.
Велика Британија не учествувала во почетните напади врз Иран, но премиерот Кир Стармер во неделата дозволи САД да ги користат британските бази за одбранбени напади врз ирански ракетни системи. Владата нагласи дека базите не смеат да се користат за напади врз политички или економски цели во Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е разочаран од одложувањето на британската одлука. Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека од безбедносни причини се преместуваат семејствата на персоналот од базата.
Свет
Израел соопшти дека ликвидирал висок функционер на Хезболах во прецизен напад
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во прецизен напад во Бејрут го убиле Хусеин Маклед, за кого тврдат дека бил на чело на разузнавачкиот штаб на Хезболах.
„ИДФ потврдува дека во синоќешен прецизен напад во Бејрут е елиминиран Хусеин Маклед, кој служеше како шеф на разузнавачкиот штаб на Хезболах“, се наведува во соопштението.
Нападот доаѓа откако Хезболах официјално се вклучи во конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, отворајќи нов фронт со ракетни и дрон-напади од јужен Либан. Израел потоа изврши одмазднички удари врз цели на групата во Либан.
Фото: ЕПА
Свет
Либанската влада ги забрани воените активности на Хезболах
Либанската влада денеска ги забрани воените активности на Хезболах, откако организацијата отвори оган врз Израел, наведувајќи дека станува збор за одмазда за убиството на иранскиот врховен водач.
Израел претходно изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут под контрола на Хезболах и врз други делови на Либан, како одговор на напад со дрон и ракети. Според либанското Министерство за здравство, во нападите загинале 31 лице.
По седницата на владата, премиерот Наваф Салам изјави дека државата ги отфрла сите воени дејства што се спроведуваат од либанска територија надвор од легитимните институции. Тој посочи дека активностите на Хезболах се незаконски и дека организацијата треба да го предаде оружјето на либанската држава.
Фото: Depositphotos

