Свет
Шпанија го оцени нападот врз Иран како неоправдан и повика на максимална воздржаност
Шпанија го оцени американско-израелскиот напад врз Иран како неоправдан и повика на максимална воздржаност во употребата на сила, заземајќи став различен од Германија, Франција и Велика Британија, кои најавија соработка со САД во одбрана на своите интереси против Иран.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека светот се наоѓа на раскрсница и предупреди на опасен преседан на системско прибегнување кон сила надвор од меѓународното право. Тој оцени дека САД и Израел еднострано го нападнале Иран, без поширока меѓународна поддршка.
„Ообезглавија страшен режим кој го угнетува своето општество, тоа е вистина“, рече тој. „Но го поткопаа меѓународното право и доведоа до невини жртви.“
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos
Свет
Руте: НАТО нема да учествува во воените операции против Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.
Свет
По критиките од Трамп, Лондон објасни зошто не дозволил користење на базите за напади врз Иран
Даунинг стрит реагираше на изјавата на Доналд Трамп, кој рече дека е „многу разочаран“ од премиерот Кир Стармер затоа што не дозволил веднаш САД да ги користат британските воени бази за започнување офанзивни напади врз Иран.
Официјалниот портпарол на премиерот изјави дека Обединетото Кралство донело внимателна одлука да не се вклучува во офанзивни акции, бидејќи сака да придонесе кон решение на ситуацијата во регионот.
Тој појасни дека американското барање за користење на базите во одбранбени цели се совпаднало со иранските напади врз британските интереси и загрозување на британските граѓани. На тоа барање, додаде, Обединетото Кралство „одговорило соодветно“.
Претходно денеска Трамп изјави за британски весник дека на Стармер му требало „предолго“ да се предомисли.
„Тоа веројатно никогаш досега не се случило меѓу нашите земји“, изјави американскиот претседател за „Телеграф“.
„Звучи како да бил загрижен во однос на законитоста“, додаде Трамп.
Премиерот на Обединетото Кралство подоцна го прифати американското барање за користење на британските бази за одбранбени напади врз складишта на ирански ракети или нивни лансирни позиции.
Фото: ЕПА

