Македонија
Облачно и ветровито, на места нестабилно со пороен дожд и грмежи

Променливо облачно и ветровито, на повеќе места со обилни врнежи од дожд. На места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме.
Утринските температури ќе се движат од 9 до 14 степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 14 до 22 степена.
Во Скопје и околината слично време со утринска температура околу 10 и дневна до 19 степени.
Облачно со обилни врнежи од дожд ќе биде во вторник и во среда, кога на повеќе места, особено на запад, се очекува да наврнат локално и над 60л/м2 воден талог. На места врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и засилен ветер, во форма на невреме. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер (над 70 км/ч.). Во среда ќе започне да дува северен ветер кој ќе предизвика значително опаѓање на температурата. Во четврток на планините на север и запад ќе има слаби врнежи од снег. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Децата со аутизам се само поразлични, не се деца со маана

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими родители од Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергерог синдром „Во мојот свет“, по повод 2 април – светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот.
На средбата, родителите истакнаа дека сè уште се сами во борбата за подобрување на животот на своите чеда. Отсуствува системско решавање на проблемите. Родителот, велат тие, нема никаква поддршка. Има многу малку лични асистенти кои им помагаат, тешкиот товар паѓа на нив и затоа дел од нив не работат. Истовремено, поради отсуство на емпатија, секојдневно се соочуваат со чудни погледи и стигматизација на нивните деца. Најболно и најстрашно за нив, истакнуваат, е кога ќе помислат кој ќе се грижи за детето по нивната смрт.
Слушајќи ги проблемите со кои се соочуваат родителите, претседателката потенцираше дека децата треба да ни се најважни, бидејќи, како што рече, „убедена сум дека секое дете може да дојде до израз ако му се даде шанса“.
Таа, во волонтерството препознава едно од можните решенија на проблемот. По примерот на САД и многу други држави, учениците, средношколци и студентите, како волонтери би добивале поени што ќе се земаат предвид при евалуацијата. „Да дадеш нешто, без да бараш ништо за возврат, тоа е едноставно љубов“, смета таа.
Уште еден голем проблем на којшто посочија родителите е отсуството на разбирање и прифаќање, за жал, не се разговара ниту во семејството. Децата уште од градинка треба да учат дека некои нивни врсници се поразлични од нив и да ги прифатат како такви. Само на тој начин ќе се развие инклузивната свесност, велат родителите.
Во оваа насока претседателката се заложи за креирање интегрално решение, коешто ќе вклучи измени не само во законите за основно и за средно образование, туку и во други закони каде посебен дел ќе им биде посветен на децата со попреченост. „На тие деца им е потребно да учествуваат во социјалниот живот, а не да бидат оставени на маргините на општеството“, заклучи таа. Час поскоро треба да се обезбеди простор за Центарот за аутизам во Тетово, со оглед на веќе пристигнатата бугарска донација.
Од здружението „Во мојот свет“ укажаа дека забрзано расте бројот на лица со аутизам, од 2000 година до сега, пораснал за 317%. Поради недостиг на национален регистар, според статистиката на ЕУ и на СЗО, се претпоставува дека во земјава има од 15 до 20 000 лица со аутистичен спектар на нарушување кои нестрпливо очекуваат разбирање и помош.
Македонија
Муцунски во работна посета на Брисел: Проширувањето мора да биде врвен политички приоритет со јасна и предвидлива траекторија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денеска до петок престојува во работна посета на Брисел, Кралството Белгија.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски одржа одделни обраќања пред претставници на неколку бриселски тинк-тенкови, како и пред Центарот за европски политики (EPC), каде говореше за стратешката определба на државата – членството во Европската Унија.
Министерот изрази искрена благодарност до Европската Унија и земјите членки за покажаната солидарност и брзата реакција по трагичната несреќа во Кочани, оценувајќи ја како автентичен пример за европски вредности на дело.
Говорејќи за евроинтегративниот процес на државата, Муцунски ја нагласи целосната усогласеност на земјата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и посветеноста на Владата на реформската агенда. Тој истакна дека државата е технички подготвена за отворање на првиот кластер од пристапните преговори и очекува јасен, предвидлив и кредибилен пат напред – без нови одлагања и блокади.
Министерот подвлече дека членството во ЕУ е стратешка определба на државата, а процесот на проширување не смее да се третира само како техничко прашање, туку како прашање поврзано со економски раст, стабилност и заеднички европски вредности.
Муцунски порача дека Европската Унија мора да го задржи проширувањето како врвен политички приоритет, со јасна и предвидлива траекторија, предупредувајќи дека евентуално одложување на процесот би имало сериозни последици за кредибилитетот на политиката на проширување во регионот на Западен Балкан.
Македонија
Филипче нема легитимитет да нуди концепти за Македонија, велат од ЗНАМ

Политичката партија ЗНАМ реагира на предложениот концепт за општествен и политички дијалог од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче,нарекувајќи го самопрогласен лидер на опозицијата без политички легитимитет.
Од партијата на Максим Димитриевски велат дека Филипче е одговорен за длабоките системски грешки во општеството, меѓу кои модуларната болница, криминална набавка на вакцините во време на Ковидот, случајот со Онкологија, но и измените на Кривичниот Законик, со кој се амнестираа функционери.
Партијата во реакцијата го оспорува политичкиот легитимитет на Филипче, коментирајќи: „Македонската јавност не е дементна за да заборави дека директорот на Фондацијата Заев во претходните 8 години го промовираше концептот Едно општество за сите, едно за Вицето. Од тие причини, СДСМ и Венко Филипче апсолутно немаат политички кредибилитет, ниту легитимитет да нудат било какви концепти за Македонија овој момент“.
Се додава и дека Венко Филипче и СДСМ не можат да бидат решение на проблемите, бидејќи покажале дека тие се проблем за секое решение.
ЗНАМ праша и дали, самопрогласениот лидер на опозиција (како што го нарекува Филипче), со ова бара начин да се факторизира како политички фактор во јавноста и да седне на преговарачка маса, имајќи ја в предвид очајната состојба на неговата партија.