Црна хроника
Возрасен маж живеел во вонбрачна заедница со малолетничка
Возрасен маж во струмичко живеел во вонбрачна заедница со малолетничка. Пријава е поднесена и против таткото на девојчето затоа што ја одобрил вонбрачната заедница.
Според информациите на МВР, поднесена е кривична пријава против М.А.(20) од с.Дорфулија, општина Лозово и П.Б.(36) од с.Банско, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вонбрачен живот со дете“.
Во периодот од јануари до април 2025 година, првопријавениот во семејна куќа во село Дорфулија живеел со малолетничка во вонбрачна заедница.
Додека, второпријавениот, татко на детето, не презел мерки за да ја спречи, туку ја прифатил и одобрил вонбрачната заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Расчистен случај со лажна сообраќајка во Битола, уапсени две лица
СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Г.(54) од Прилеп и С.И.(31) од Крушево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.
На 25.08.2025 во Битола, пријавените довеле во заблуда 88-годишна жена од Битола така што телефонски и со лажно претставување ја известиле дека нејзиниот син предизвикал сообраќајна несреќа во која прегазил осумгодишно дете, а нејзиниот син и неговата сопруга биле повредени, а доколку сака да го спаси синот од кривичен прогон, требала да им даде 72.500 денари.
Откако ги зеле парите, пријавените заминале, а оштетената подоцна сфатила дека е измамена. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и измамниците се пронајдени и лишени од слобода, по што е поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Благајничка во „Комуналец“ Кавадарци украла над 500.000 денари, парите за платени сметки си ги ставала в џеб
Полицијата поднесе кривична пријава против вработена во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци за „проневера во службата” и „затајување”.
Полицијата, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против В.Д.(48) од Кавадарци поради постоење на основано сомнение дека сторила кривични дела „проневера во службата” и „затајување”.
Според информациите од МВР, пријавената В.Д., вработена како благајник во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци, во периодот од 22.09.2025 до 31.10.2025 одзела 568.684 денари од претпријатието.
Имено, дел од парите од дневниот промет од наплатните пунктови по основ на платени сметки за водоснабдување и комуналии, кои и биле доверени во службата, не ги внесувала на банкарска сметка на претпријатието, односно дел задржувала за себе, а останатиот дел го внесувала на сметката и на тој начин што го оштетила јавното претпријатие за наведената сума.
Црна хроника
Полицаец од Скопје крадел бакарни кабли од плац на поранешна фабрика
Полицаец доби 30-дневен притвор за кражба на бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Според информациите на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Пријавениот, во повеќе наврати во периодот од 05.01.2025 до 07.05.2025 во претходен меѓусебен договор и со заедничко дејствување со три лица од Скопје, противправно одзеле туѓи подвижни предмети бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.

