Црна хроника
Двајца млади возачи фатени без дозвола во Струга и Кичево, одземени им се возилата
Во два одделни случаи, полицијата во Струга и Кичево привела млади возачи кои управувале возила без положен возачки испит. На двата инцидента им претходеле рутински контроли во сообраќајот, по што возилата им биле одземени.
На 8 февруари околу 02:55 часот, на регионалниот пат Подмоље–Струга, полициски службеници го сопреле патничко возило „Фолксваген Поло“ со струшки регистарски таблички. При проверката било утврдено дека возилото го управувал 20-годишниот А.З. од селото Франгово, без да има положено возачки испит. По насока на јавен обвинител, возилото е одземено, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Сличен инцидент се случил и претходната ноќ, на 7 февруари, исто така во 02:55 часот, на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево. Полициска патрола запрела патничко возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од 21-годишниот Ф.В. од Кичево. И во овој случај било утврдено дека лицето нема положено возачки испит. Возилото е одземено, а по насоки од обвинителството ќе следува соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пијан, 65-годишник од Свети Николе им се заканувал на синовите и го нападнал едниот
65-годишен жител на Свети Николе бил приведен откако во семејниот дом им се заканувал на своите двајца синови со остар предмет, а едниот од нив и физички го нападнал.
Инцидентот се случил на 7 февруари околу 21:30 часот, а полицијата интервенирала истата вечер во 22:45 часот. По приведувањето било утврдено дека мажот бил под дејство на алкохол – измерени му биле 2,16 промили во крвта.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Приведен маж во струшката болница, aгресивно се однесувал со медицинските лица
Утрово околу 01:40 часот, во Општата болница во Струга бил приведен 59-годишниот М.А. од селото Делогожда, поради агресивно и непримерно однесување кон медицинскиот персонал.
Како што информира МВР, лицето со гласно викање и агресија го нарушило јавниот ред и мир и ја загрозило сигурноста на здравствените работници.
По интервенција на полицијата, тој бил приведен, а по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Приведен велешанец кој со 3,06 промили алкохол се јавил во полициска станица и навредувал полицајци, потоа бил агресивен, велат од МВР
Велешката полиција синоќа го приведе 52-годишниот М.У. од Велес, откако најпрво се јавил во полициска станица и ги омаловажувал службените лица, а потоа и на улицата „Јовче Тикваров“ агресивно се однесувал кон полицајци кои биле на терен и вршеле службени дејствија.
Според СВР Велес, настанот се случил синоќа околу 20:30 часот. При приведувањето, кај М.У. биле измерени 3,06 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица и против него ќе следуваат соодветни пријави по целосно документирање на случајот, најави полицијата.

