Црна хроника
Крадци во Скопје ги напаѓале жртвите и им се заканувале со воздушен пиштол
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе oбвинителен акт против едно лице за разбојништво од член 237 став 1 и разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик. Против него и негова соизвршителка е поднесен и обвинителен предлог за кражба од член 235 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 11 мај, во влезот на станбена зграда на улицата „Радика“, со употреба на закана дека ќе ја нападне, на оштетената и одзел ранец во кој имало пари и други предмети во вкупна вредност од 26.600 денари. Тој влегол во влезот на зградата по оштетената и и се заканил со пиштол наменет за исфрлање синтетички топчиња под дејство на компромитиран воздух.
Тој побарал таа да му ги даде сите предмети кои ги имала кај себе, а потоа и го побарал и клучевите од станот и од возилото. Кога се спротивставила, на сила и ги одзел клучевите и го напуштил местото.
На 15 мај, пред влезот на станбена зграда на улицата „Варшавска“, обвинетиот заедно со неговата помошничка забележале жена како стои со количка за бебе и дека лифтот во зградата се сервисира. И понудиле да и помогнат и да и ја качат количката до катот каде што живее.
Оштетената ја прифатила понудата и се качиле на третиот кат. Кога таа започнала да ја отклучува вратата од станот, забележала дека и го нема мобилниот телефон кој се наоѓал во количката и веднаш се упатила кон обвинетиот кој тргнал да си оди, барајќи да и го врати телефонот. Затечен во кражба, тој започнал да ја турка и да ја удира во ѕидовите од влезот, а во еден момент го извадил и пиштолот за исфрлање синтетички топчиња. Притоа се заканил дека ќе ги убие и оштетената и нејзината малолетна ќерка која за цело време ја држела во рацете. По ова побарал да ја отвори влезната врата од станот и да му ги даде сите предмети кои што се вредни, но оштетената се спротивставила и започнала да вика. Тогаш излегле соседите од нејзиниот кат, по што обвинетиот избегал од местото.
На 25 мај, пак, од стан на улицата „Драгиша Мишовиќ“, двајцата обвинети одзеле патики и чизми во вкупна вредност од 32.600 денари. Со оштетениот се познавале од претходно, па додека првообвинетиот разговарал со него за да му го одвлече вниманието, второобвинетата останала во ходникот и ги одзела предметите со намера противправно да ги присвои. Надлежниот јавен обвинител со Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ги повтори делата што му се ставаат на товар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пронајдени и одземени 220 таблети во пакет за осуденик во затворот Идризово
На 11 јануари 2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправна установа Затвор Идризово било пријавено дека околу 12:30 часот, при извршен претрес на пакет наменет за осудено лице А.Н. (39) од Скопје, биле пронајдени и одземени 220 таблети.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Инцидент во трговски центар: две жени меѓусебно се пријавиле за физички напад
На 11 јануари 2026 година во 13:10 часот во СВР Скопје, С.К.П. (41) пријавила дека околу 12:20 часот во трговски центар на подрачјето на Центар била физички нападната од М.Д. (56).
Според пријавата, со М.Д. било и едно машко лице кое ја снимало С.К.П. со мобилен телефон.
Од полицијата информираат дека и М.Д. поднела пријава, во која навела дека била физички нападната од С.К.П.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Тешко повреден 70-годишник во пожар во куќа во виничко Блатец
На 11 јануари 2026 година во 12:04 часот во ОВР Виница било пријавено дека во село Блатец, околу 11:50 часот, настанал пожар во куќа и помошна просторија – работилница, сопственост на М.Д. (70) од истото село.
Како што информира полицијата, сопственикот се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итната медицинска помош од Виница бил пренесен во Општа болница Кочани за укажување лекарска помош.
Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалната противпожарна единица Виница и Територијалната противпожарна единица Кочани.

