Црна хроника
Кривична пријава против две лица за лихварство

Полицијата поднесе кривична пријава против В. М. (45) од Валандово и А. М. од Скопје поради основано сомнение дека сториле кривично дело лихварство.
Според информациите на МВР, второпријавениот, во својство на вработен во правно лице од Скопје, во периодот од 2018 до 2020 година, во име и за сметка на подружницата на заложна куќа, иако знаел и бил свесен дека подружницата нема овластување за давање пари на заем бидејќи не поседува дозвола за овластување за кредитно посредување, на веб-страницата за купопродажба, во име на подружницата, поставил оглас за давање заем на парични средства по разни основи, а како контакт го оставил својот телефонски број.
Тој првин усно договорил давање заем на оштетените Д. Ј., Д. С., М. С., П. Р. и С. Р., а потоа и ги навел кон склучување писмени договори со првопријавената во својство на овластено лице за подружницата.
Првопријавената, иако знаела дека правното лице не поседува такви овластувања, склучила договори за заем на парични средства со засновање заложно право врз недвижен имот (хипотека) и анекси на договорите со оштетените. Имено, В. М. за дадените заеми во вкупен износ од 3.413.180 денари или 55.278 евра на оштетените им пресметала паричен износ кој требало да биде вратен во висина од 5.571.579 денари или 90.155 евра, иако требало да им пресмета максимален паричен износ што треба да го вратат од 4.282.060 денари, односно 69.289 евра.
Со преземените дејства таа како заемодавец пресметала камата во висина од 2.155.398 денари, односно 34.877 евра, иако максималната камата што можела да биде пресметана во согласност со највисоката законска казнена каматна стапка можело да изнесува 865.879 денари или 14.011 евра, со што стекнала несразмерна имотна корист во вкупен износ од 1.288.962 денари или 20.857 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Семејно насилство во Карпош, скопјанец го нападнал малолетниот син

Полицијата уапси жител на Скопје поради физичко насилство врз неговиот малолетен син.
Според информациите на МВР, вчера во 02 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.К.(41) од Скопје, по претходна пријава од неговата 40-годишна поранешна сопруга дека околу 00.30 часот во домот физички го нападнал нивниот малолетен син, а му го скршил мобилниот телефон на другиот нивен малолетен син.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Загина мотоциклист на патот Делчево – Штип

Седумдесет и двегодишен жител на Оризари, кочанско загина во сообраќајна несреќа што се случила вчера на патот Делчево – Штип.
Според информациите на МВР, вчера во 07.06 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на магистралниот пат Делчево-Штип, во близина на крстосница „Компосара“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено трафик“ со кочански регистарски ознаки, сопственост на Јавна здравствена установа Виница, а управувано од Б.С.(63) од с.Јакимово, виничко и мопед „томос“ со штипски регистарски ознаки, управуван од Љ.П.(72) од нас.Оризари, кочанско.
Во несреќата на местото на настанот починал возачот на мопедот, а од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кочани.
Црна хроника
Виничанец возел брзо под дејство на алкохол, без дозвола и со нерегистриран автомобил, приведен е

Полицијата на регионалниот пат Виница-Берово го приведе М.А.(55) од Виница. При контрола на патниот сообраќај е констатирано дека управувал патничко возило со брзина од 74 километри на час на место каде што дозволената брзина е 50 километри на час.
„По преземени мерки и извршена контрола, исто така е констатирано дека не поседува возачка дозвола и е под дејство на алкохол, односно дека има 1,53 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и по наредба на јавен обвинител, задржан во Полициска станица Виница. При контролата е утврдено и дека сообраќајната дозвола на возилото што го управувал е со измината важност повеќе од шест месеци и поради тоа му е одземено“, велат од МВР.
Се додава и дека притоа М.А. агресивно се однесувал кон полициските службеници. Против него ќе биде поднесена кривична пријава.