Црна хроника
Кривични пријави против три лица што нападнаа полицајци во Шуто Оризари
Обвинителството поведе постапка за сторено кривично дело напад на службено лице при вршење на службата од член 383, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик против три лица кои на 15 септември во населбата Шуто Оризари при одржување панаѓур извршиле напад над припадници на полицијата.
Настанот се случил кога полицајците, кои вршејќи си ја службата, поради зголемена фреквенција на возила, повикале пајак-служба. При подигање едно од непрописно паркираните возила, сопственикот на возилото се упатил кон полицајците и почнал вербална расправија. Потоа влегол во возилото и го придвижил нанапред удирајќи во полицајците. Кога и вторпат со возилото удрил во полицајците, осомничениот бил изваден од возилото од страна на полициските сили. Во нападот што бил извршен се вклучиле уште две лица, во блиски роднински врски со возачот на автомобилот. При обидот на полицијата да го спречи нападот, на местото се собрале 30-40 лица и почнале вербален, но и физички напад кон полициските структури. Во инцидентот беа повредени неколку лица, меѓу кои шестмина полициски службеници.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен јавен обвинител за трите лица против кои е поведена постапка предложи определување мерка притвор. По ваквиот предлог, се произнесе надлежен суд, кој на тројцата им определи мерки на обезбедување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен дилер од Штип, пронајдена дрога и голема сума пари
МВР информира дека вчера по преземени оперативни мерки и дејствија, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје го уапсиле 32 годишниот Б.М. од Штип.
При претрес во неговиот дом во Штип извршен по насоки од надлежен обвинител, биле пронајдени и одземени прашкаста материја, поголема сума на пари и дигитална вага.
„Лицето е задржано во полициска станица и во текот на денот со кривичната пријава ќе биде предаден на судија на претходна постапка за понатамошно постапување“, соопштија од полицијата.
Црна хроника
Стружанец објавувал експлицитна содржина од малолетничка
Полицијата во Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(41) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Пријавениот, на социјална мрежа, објавил фотографии и видео снимки со експлицитна содржина од женско лице, кое во тоа време било малолетно.
Црна хроника
Жена од Гевгелија измамила Грк дека е од Царина и му зела 2.000 евра
Полицијата поднесе кривична пријава против М.Ј.(46) од Гевгелија, поради измама.
„Пријавената, на 13 септември на царинскиот терминал на Граничниот премин „Богородица“, го довела во заблуда грчкиот државјанин К.Г.К., на начин што лажно се претставила дека е застапник во царински постапки и лажно му прикажала факти дека сторил тежок царински прекршок, поради што ќе биде задржан на македонско-грчката граница од страна на царинските власти и му побарала 2.000 евра, за да му помогне, на што се согласил“, објави МВР во дневниот билтен.