Црна хроника
Обвинение за скопјанец кој бил фатен при кражба на телевизори од угостителски објект
Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 35-годишен скопјанец, кој се товари за кривично дело разбојничка кражба.
Обвинетиот кривичното дело го извршил на 29 јули во угостителски објект на улицата С. Георг – Шнајдерот кога затечен во кражба употребил сила и нападнал двајца оштетени – татко и ќерка.
Тој преку прозорец влегол во угостителскиот објект и одзел три телевизори во вкупна вредност од 105.000 денари. Но, притоа бил затекнат од оштетениот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција.
Во тој момент обвинетиот ја удрил оштетената со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри татко ѝ, кој го одбил ударот со рака.
Обвинетиот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но оштетениот и случаен минувач успеале да го задржат. За тоа време, оштетената настанот го пријавила во блиската полициска станица.
Заедно со поднесеното обвинение, јавниот обвинител, кој постапува во предметот, до судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице.
*Фотографијата е илустрација, а не од конкретниот случај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Тетово: Поранешен директор осомничен за фалсификување и спорен закуп на деловен простор
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.И. (73) од село Камењане, општина Боговиње, поради сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според пријавата, во периодот до 2 јануари 2021 година, додека бил директор на земјоделска задруга во село Камењане, без законска основа и без одлука од членовите, било извршено незаконско бришење на основачи – акционери. Со уништување и прикривање на документација, бројот на членови бил намален од 38 на пет лица, што било спротивно на податоците во тековната состојба од Централен регистар.
Дополнително, на 3 јануари 2010 година, во својство на директор, пријавениот склучил договор за закуп на деловен простор со површина од 1.500 метри квадратни во село Камењане, кој ѝ бил доделен на земјоделската задруга на трајно користење. Договорот бил склучен со друг акционер за период од 10 години, без согласност од надлежно министерство, без одлука на Управниот одбор и без согласност од останатите задругари.
По 2021 година, просторот го користел врз основа на усмен договор, без да плаќа закупнина, при што ги подмирувал само сметководителските давачки на земјоделската задруга, во која и натаму е сопственик.
Црна хроника
Запленети над 6.000 парчиња пиротехника на Бит Пазар
Вчера по преземени оперативно тактички мерки од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на ул.„192“ на подрачје на Бит Пазар во Скопје пронајдени и одземени се околу 6.000 различни парчиња на пиротехнички средства.
Известен е Јавен обвинител, пиротехниката е одземена за понатамошна постапка, а против лицата кои ја продавале пиротехниката ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Пронајдени пиротехнички средства во Куманово, уапсени три лица
Вчера во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода А.А.(39), М.В.(21), двајцата од Куманово и Е.Џ.(28) од село Лојане, општина Липково.
При преглед на тезга кај Зелениот пазар на булеварот„Трета македонска ударна бригада“, сопственост на А.А., пронајдени се и одземени над 420 парчиња разновидни пиротехнички средства. При контрола на возило „сеат леон“ на ул.„11 Октомври“, управувано од М.В., пронајдени се и одземени 32 парчиња разновидни пиротехнички средства. Додека, при преглед на возило „мазда“ на влезот на Куманово, управувано од Е.Џ., пронајдени се и одземени 150 парчиња разновидни пиротехнички средства.
Лицата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 396 од Кривичниот законик.

