Црна хроника
Двајца браќа на чело на криминална група – организирале шверц на 150 мигранти на кои им наплаќале до 700 евра
Во текот на денешниот ден, со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во организирање и криумчарење мигранти, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“ спроведе координирана полициска операција под кодно име „Реприза“, соопшти Обвинителството.
Во раните утрински часови се извршени претреси кај пет лица, во вкупно шест објекти лоцирани на подрачјата на Гевгелија, Струмица и Неготино, при тоа четири лица се приведени, едно лице е недостапно за органите на прогонот, а едно лице се наоѓа во притвор за криумчарење на мигранти во друг случај. Акцијата е резултат на десетмесечна криминалистичка истрага над организирана шестчлена криминална група, која подолг временски период делува на тeриторија на Република Северна Македонија криумчарејќи мигранти кои остваруваат нелегален влез преку грчко-македонската граница.
Организаторите на криминалната група се двајца браќа кои со умисла и од користољубие заедно со засега непознати лица од Кумановско-липковскиот Регион и од Грција, организирале криминална група во земјава. Во временскиот период од декември 2019 година до денес, осомничените организирале криумчарење на околу 150 мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, за паричен надомест од 500 до 700 евра по лице, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист.
Осомничените по претходно договорен начин на комуникација и во договор со лица организатори од Грција преку илегални премини во околината на Гевгелија, Струмица и Дојран ги пренесувале мигрантите преку грчко-македонската граница. Потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, ги носеле до претходно утврдени и договорени локации, од каде илегалните мигранти биле прифатени од страна на членовите на групата и со моторни возила биле превезувани до договорени локации во Кумановско-липковскиот Регион. Оттаму, во организација на лице кое нелегално престојува во Кумановско-липковскиот Регион, мигрантите биле времено сместувани и засолнувани во објекти на членови, соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку територијата на Србија кон државите на ЕУ.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица на возраст од 21 до 28 години. Двајцата браќа како организатори на групата се осомничени дека сториле кривично дело организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти по член 418-в став 1 и кривично дело криумчарење на мигранти по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 од Кривичниот законик, додека останатите четири лица се осомничени дека како припадници на групата криумчареле мигранти.
Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во законски предвидениот рок. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

