Црна хроника
Двајца браќа под истрага за нападот во Марино, обвинителството бара притвор за нив
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа, од кои за едниот постои основано сомнение дека сторил кривично дело „тешка телесна повреда“, додека другиот е осомничен за помагање.
Тие на 23 март во кафе-бар во селото Марино со умисла тешко телесно повредиле едно лице, при што му уништиле важни органи и му го загрозиле животот. Кога оштетениот пристигнал во кафе барот со негов пријател, бил пресретнат најпрво од второосомничениот, кој се удрил со рамото во него, а потоа со бокс го удрил во пределот на лицето. Во тој момент дошло лице од обезбедувањето на локалот кое ги раздвоило. Но, нешто подоцна пред влезот на дискотеката оштетениот повторно бил пресретнат од двајцата осомничени. Второосомничениот го фатил за гуша, а од неговата лева страна дошол првоосомничениот и го забодел со нож во пределот на левиот долен дел од стомакот. По ова, двајцата браќа го напуштиле местото на настанот.
„Бидејќи постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство и постојат особени околности кои укажуваат дека осомничените би можеле да влијаат на сведоците и кои го оправдуваат стравот дека би можеле да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор за двете осомничени лица”, соопшти обвинителството.
При крвавиот инцидент што се случи во скопско Марино, 27-годишниот Филип Филиповски беше избоден со нож пред дискотека. Тој беше хоспитализиран на Клиника, по што му беше извадена слезината и му беше отстранет едниот бубрег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Камион удри во крава на патот Крива Паланка – Куманово
Камионџија од Бугарија усмрти крава на патот Крива – Паланка – Куманово.
Според информациите на МВР, вчера во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото.
По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
84-годишна битолчанка измамена за сума од 9.600 евра
Осумдесет и четиригодишна битолчанка пријавила во полицијата дека била измамена од едно лице за сума од 9.600 евра.
„Според пријавеното, претходно лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеници и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати. Како што е пријавено, таа ги дала парите на едно лице кое дошло пред нејзината зграда, а откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: Depositphotos
Црна хроника
Скопјанец нашол паричник во Струга, ги потрошил парите, па пазарел и со картичката, МВР го пронајде
Полицијата во Струга поднесе кривична пријава против П.П. (41) од Скопје, со привремено живеалиште во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Тој, во угостителски објект во Струга пронашол паричник сопственост на лице од струшко село, по што со парите а потоа и со банкарска платежна картичка, на повеќе продажни места, неовластено извршил плаќање за свои потреби.

