Црна хроника
Државјанин на Албанија се степал со момче од Голема Речица, полицијата ги приведе

Полицијата во Тетово, вчера, на улицата Маршал Тито ги приведе Н. Џ. (20) од Република Албанија со привремен престој во Тетово и 19-годишниот Д. Р. од тетовска Голема Речица поради меѓусебна физичка пресметка.
По целосно документирање на случајот, на двајцата инволвирани ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Таксист на странец му наплатил 7.800 денари за возење од Центар до Средно Водно

Вчера во 20.40 часот во СВР Скопје, Б.Ф.П.Х.(43) од Швајцарија пријавил дека додека се возел во такси возило на релација од Центар до Средно Водно, бил измамен од возачот, кој за услугата му наплатил 7.800 денари, а откако пријавителот сфатил дека бил измамен, таксистот се однесувал агресивно кон него и со возилото го напуштил местото на настанот.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Кривични пријави за незаконски изведена реконструкција на покривот на училиште во Богданци

Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Струмица – ОВР Гевгелија поднеле кривични пријави против пет лица и едно правно лице од Скопје, поради незаконски изведена реконструкција на покривот на Основното училиште „Петар Мусев“ во Богданци. Според пријавата, со непочитување на законските прописи за градежна безбедност, била загрозена безбедноста на учениците и вработените, а предизвикана е и значителна материјална штета на државниот буџет.
Пријавени се Г.Г. (39) од Скопје – сопственик и овластено лице на фирма за проектирање и инженеринг, И.Т. (45) од Скопје – одговорно лице за проектирање, Љ.Т. (62) и Л.Г. (69) од Скопје – овластени ревиденти, како и самото правно лице – фирма за проектирање, инженеринг, трговија и услуги од Скопје.
Според полицијата, Г.Г. и И.Т. при изработка на проектот за реконструкција на покривот на училиштето, постапиле спротивно на прописите за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, со што ја загрозиле безбедноста на учениците и вработените. Дополнително, не било обезбедено стручно мислење за проектираниот степен на безбедност, што е спротивно на Законот за градење.
Ревидентите Љ.Т. и Л.Г., пак, при вршење на ревизија на проектот, не ги констатирале овие пропусти и дале позитивно мислење, овозможувајќи на правното лице да се стекне со имотна корист од 129.800 денари, додека на буџетот на Министерството за образование и наука му е нанесена штета од 12.678.049 денари.
Од МВР дополнуваат дека СВР Струмица, односно ОВР Гевгелија продолжува со преземање на мерки и активности во врска со конкретниот случај за утврдување на евентуална инволвираност на други лице во истиот, односно за докажување на нивна одговорност, а се во насока на целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Шест возачи се лишени од слобода поради безобѕирно управување со моторно возило

Во текот на изминатиот викенд, шест возачи се лишени од слобода поради безобѕирно управување со моторно возило, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи. Најголем дел од случаите се однесуваат на возење под дејство на алкохол.
Во Прилеп на улицата „Пеце Котески“, полициски службеници од ОВР Прилеп го привеле М.С. од Скопје, кој управувал товарно возило „Ивеко“. При контрола било утврдено дека има 1.90 промили алкохол во крвта.
На улицата „Борис Кидриќ“ во Штип, полицијата го привела Д.К. (37) од село Шлегово, Кратово, кој управувал патничко возило „Алфа Ромео“ со кратовски регистарски ознаки. Алкотестот покажал 1.52 промили алкохол.
Во Кичево на локалниот пат меѓу селата Вранештица и Староец, се случила сообраќајна незгода во која учествувале две возила. Кај возачот М.Ц. (33) од Кичево, кој управувал „Мицубиши“, било утврдено дека имал 1.72 промили алкохол.
На регионалниот пат Желино – Јегуновце, во село Прељубиште, тетовско, полицијата го привела Д.М. (58) од село Жилче, кој управувал „Ланчија“ со тетовски регистарски ознаки. Тој излетал од коловозот, а алкотестот покажал 2.24 промили алкохол.
Во Гевгелија, на булеварот „Гевгелија“, П.П. (30) од село Миравци управувал возило под дејство на 2.01 промили алкохол, при што предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета на две паркирани возила.
На автопатот Скопје – Тетово, во близина на бензинска пумпа, полицијата го привела Н.В. (31) од Куманово, кој управувал „БМВ“ со кумановски регистарски ознаки. Тој возел со 175 км/ч на делница каде што дозволената брзина е 80 км/ч.
Од МВР информираат дека сите лица се приведени и против нив се поведени соодветни кривични постапки