Црна хроника
Истрага за дилери на дрога и амфетамин
Постапувајќи по поднесена пријава од МВР – СВР Скопје, Единица за недозволена трговија со дрога и оружје, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска донесе четири одвоени наредби за спроведување истражна постапка против лица осомничени за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Двајца од осомничените се товарат за продолжено извршување на наведеното кривично дело, еден за соизвршителство и еден за помагање при извршувањето на делото.
Во периодот од средината на ноември до средината на овој месец двајцата осомничени со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. На разни локации во Скопје на повеќе лица тие им продавале наркотична дрога марихуана, кокаин, хашиш и психотропна супстанција амфетамин.
За првиот осомничен постои основано сомнение дека во девет потврдени наврати неовластено продал 48,59 грама марихуана и 845,1 грама „амфетамин“, а за вториот осомничен обезбедени се докази, кои даваат основано сомнение дека во три наврати продал вкупно 16,86 грама марихуана, 0,65 грама кокаин, 0,23 грама хашиш и 5,14 грама амфетамин. Притоа, во една од продажбите им помогнал четвртиот осомничен.
На 25 декември, во атарот на селото Катланово, двајцата првоосомничени заедно со третиот осомничен организирале меѓусебна продажба на над 7 килограми амфетамин за сума од 15.000 евра. При полициска акција, координирана од надлежниот јавен обвинител, осомничените биле затекнати и се обиделе да избегаат. Сепак, полициските службеници ги лишија од слобода тројцата осомничени, а психотропната супстанција ја запленија.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

