Македонија
Најчести причини за сообраќајни незгоди во кои страдаат младите возачи
Според податоците на СЗО, годишно во светот речиси 400.000 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи дека 1100 млади лица на возраст до 25 години секој ден го губат животот во сообраќајни незгоди во светот.
Сообраќајните незгоди се водечка причина за смртност на лицата на возраст од 15 до 19 години, а втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 25 години.
Имајки ги предвид наведените факти, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата велат дека сообраќајните незгоди се црната чума на 21 век.
Според светските искуства и резултатите од истражувањата на релевантни меѓународни организации, најчести причини за сообраќајни незгоди во кои страдаат младите возачи се:
Возачко неискуство
Ризикот за предизвикување сообраќајна незгода е највисок во првата година по добивањето на возачката дозвола. Затоа, и покрај добивањето на возачката дозвола, родителите имаат родителска обврска да им обезбедат на младите возачите најмалку од 30 до 50 часа надгледувана пракса на возење во текот на најмалку шест месеци од добивањето на возачката дозвола. Праксата треба да се реализира на разни патишта, во разни периоди од денот и во разни временски услови во сообраќајот. Практичната обука треба да опфати и активности за постојано скенирање на потенцијалните опасности вклучувајќи ги и другите возила, велосипедистите и пешаците.
Недоволна созреаност
Ризикот за предизвикување сообраќајна незгода се зголемува кога младите возачи возат млади сопатници во возилото. Притоа, колку е поголем бројот на сопатници во возилото, толку е поголем и ризикот. Во согласност со тоа им се препорачува на младите возачи да го намалат бројот на млади сопатници во возилото на 0 или еден. Почитувањето на ова прeпорака е особено важна во првите 6 месеци по добивањето на возачката дозвола.
Неискуство во ноќно возење
Ноќното возење е опасност за сите возрасни групи. Фатални сообраќајни незгоди се случуваат најчесто во вечерните часови, но ризикот е многу поголем за младите и неискусни возачи. Според ЗБСП, младите возачи – возачите почетници не смеат да возат по 23 часот, до 5 часот наутро, во првите две години по стекнувањето на возачката дозвола, без придружба на возрасно лице над 25 години, кое поседува возачка дозвола од соодветната категорија и на кое не му е изречена забрана за управување моторно возило.
Токму затоа пораката до младите возачи, до возачите почетници, е да се почитуваат законските ограничувања и да се вежба ноќно возење во придружба на искусен возач во вечерно време пред да почнат самостојно да возат во ноќни услови.

Некористење појас
Основната превенција од смртни случаи во сообраќајни незгоди е користењето сигурносен појас. Истражувањата покажуваат дека младите возачи и сопатници најмалку користат сигурносен појас. Затоа, секогаш користете појас и барајте од своите сопатници секогаш задолжително да користат сигурносен појас на секое патување. Ова е основен чекор за намалување на ризикот на младите да бидат лошо повредени при сообраќајни незгоди.
Расеано возење и нефокусираност
Нефокусираноста, расеаноста, невнимателноста – го зголемуваат ризикот кај младиот возач да предизвика сообраќајна незгода. Истражувањата потврдуваат дека младите возачи нејчесто користат мобилен телефон и возат под одвлечено внимание. Во согласност со тоа советот до младите возачи е: не преземајте активности што може да ви го одземат вниманието додека возете, како што се зборување на мобилен телефон, испраќање порака, јадење или играње со радиото. Последиците од нефокусирано расеано возење најчесто се фатални.
Замор
Младите возачи се во голем ризик од поспаност при возење, што е причина за предизвикување илјадници сообраќајни незгоди секоја година. Младите се најмногу поспани во утринските часови или доцна во ноќта. Затоа, планирајте го своето патување, патувајте подготвени, одморени, правете повеќе паузи и пијте повеќе течности додека возете. Никогаш немојте да си поставувате големи цели и не преценувајте си ги своите способности и не потценувајте го заморот.
Несовесно возење
Истражувањата покажуваат дека кај младите недостига искуство за правилно расудување и зрелост за да се проценат ризичните ситуации. Младите се повеќе склони кон преземање ризик, помалку држат безбедно растојание помеѓу возилата, возат слалом, неправилно престигнуваат, помалку се стрпливи и помалку се толерантни во сообраќајот. За помалку несакани ситуации на патиштата, младите возачи треба да бидат совесни и одговорни возачи и секогаш да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Брзо возење и алкохол
Брзината и алкохолот изнудуваат грешки, кои најчесто завршуваат со фатални последици. Возач почетник не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат.
Возачот почетник, кој поседува возачка дозвола од Б-категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати. Толеранцијата, односно дозволена количина алкохол во крвта кај возач почетник е еднаква на нула.
Брзото возење и алкохолот се најчести причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Затоа, почитувајте ги правилата за ограничување на брзината и никогаш не возете под дејство на алкохол.
РСБСП со апел: Безбедноста во сообраќајот бара сериозност, одговорност и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи. Младоста не е и не може да биде никакво оправдување за неодговорното однесување во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.

