Црна хроника
Обвинение за татко и син кај кои се пронајдени оружје и дрога
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против татко и син од Скопско кај кои при претрес беше пронајдено огнено оружје и дрога.
Таткото се товари за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Неговиот син, пак, е обвинет за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„На 22.11.2018 година при претрес на домот на обвинетиот татко во селото Кучково било утврдено дека тој кај себе неовластено држи огнено оружје, поголемо количество муниција, како и експлозивни материи, кои на граѓаните им се забранети. Освен ова, кај осомничениот е пронајдена и наркотична дрога марихуана со нето маса од 0,80 грама и вага со траги од наркотична дрога.
На истиот ден бил извршен претрес и во домот на неговиот син во Скопје кај кого била пронајдена наркотична дрога марихуана со нето-маса од 60,8 грама, спакувана во една полиетиленска кеса“, соопшти Обвинителството.
Заедно со обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетиот татко. За синот сè уште се во сила определените мерки на претпазливост од страна на судијата на претходна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Камион удри во крава на патот Крива Паланка – Куманово
Камионџија од Бугарија усмрти крава на патот Крива – Паланка – Куманово.
Според информациите на МВР, вчера во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото.
По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
84-годишна битолчанка измамена за сума од 9.600 евра
Осумдесет и четиригодишна битолчанка пријавила во полицијата дека била измамена од едно лице за сума од 9.600 евра.
„Според пријавеното, претходно лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеници и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати. Како што е пријавено, таа ги дала парите на едно лице кое дошло пред нејзината зграда, а откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: Depositphotos
Црна хроника
Скопјанец нашол паричник во Струга, ги потрошил парите, па пазарел и со картичката, МВР го пронајде
Полицијата во Струга поднесе кривична пријава против П.П. (41) од Скопје, со привремено живеалиште во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Тој, во угостителски објект во Струга пронашол паричник сопственост на лице од струшко село, по што со парите а потоа и со банкарска платежна картичка, на повеќе продажни места, неовластено извршил плаќање за свои потреби.

