Црна хроника
Повреден планинар е спасен на падините на Шар Планина
Повреден планинар денеска бил спасен од падините на Шар Планина. Спасувачки тим со специјално возило за длабок снег „ратрак“ го презел од местото каде што се наоѓал и го спуштил до скијачкиот центар каде што му е укажана медицинска помош, соопшти Центарот за управување со кризи.
Околу 14:00 на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, е добиен повик за повреден планинар во повисоките делови на Шар Планина кај превојот меѓу Титов Врв и Бакардан.
Планинарот се повредил кога се симнувал со својот другар по источната страна кон месноста „Мал Турчин“. Двајцата биле последни од групата со која што оделе. Заостанале малку и најверојатно, брзајќи за да ги стигнат колегите, едниот од нив се лизнал и опасно ја повредил ногата.
Местото на настанот е високо во планината, до каде треба повеќе од три, четири или повеќе часови да се стигне, под услов веднаш да тргне специјализиран спасувачки тим, што се во ниските делови од пределот. Но, во конкретниот случај соработката и меѓусебната координација на институциите, службите и приватните фирми овозможи да се пронајде многу брзо решение и на помош бил употребен „ратрак“ на приватната фирма „Ескимо Фрирајд“, коишто во тој предел биле на прошетка со туристи.
Тимот на „Ескимо Фрирајд“, и самиот составен од пасионирани планинари, иако во моментот превезувал туристи, несебично веднаш тргнал нагоре кон повредениот кого неговиот другар веќе почнал пополека да го спушта, свесен дека како што ќе одминува денот“, така се постудено ќе станува и се полизгаво, наведуваат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

